На средбата со претставници на бугарските организации од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани, тој посочи дека интеграцијата на РСМ во ЕУ не може да се случи на сметка на правата на бугарската заедница во земјата
Претставниците на бугарските организации од земјава, пак, изразија надеж дека РСМ нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи што ја водат земјата кон ЕУ
Впишувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија значително ќе го забрза нејзиниот пат кон Европската Унија, рече бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со претставници на бураски здруженија од земјава, пренесува тамошната државна агенција БТА.

„Се надевам дека нашиот југозападен сосед тоа ќе го стори што е можно поскоро, за да ја отвори вратата кон преговори за полноправно членство“,
кажа тој на средбата со претставници на бугарските организации од Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани.
Како што информираат од неговиот кабинет, бугарскиот претседател посочи и дека должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување.
„Сите се надеваме интеграцијата на РСМ што е можно поскоро да се случи, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата“,
вели Радев, додавајќи оти се надева дека властите во С Македонија ќе го спроведат договорот од 2022 година.
Според него, токму Бугарите од Северна Македонија први го поставиле прашањето за ефикасно гарантирање на нивните права во сопствената земја, како и дека денес тоа е заедничка кауза не само на сите бугарски институции, туку и на ЕУ.
Претставниците на бугарските организации од земјава на состанокот со Радев, пак, изразија надеж дека РСМ нема да ја користи бугарската заедница како алиби за да не ги спроведува неопходните реформи што ја водат земјата кон ЕУ.
Како што пренесува БТА, тие решително се изјаснија и против идејата за уставни измени со одложено дејство или други услови, посочувајќи дека станува збор за гарантирање основни човекови права, и дека како лојални граѓани на својата земја очекуваат институциите да им обезбедат еднакви права и ефикасна заштита од дискриминација.
Инаку, бугарските пратеници од Комисијата за надворешна политика денеска усвоија декларација со која се осудува чинот на насилство од омраза врз ексновинарот Владимир Перев.
Во документот се нагласува безрезервната поддршка за сите граѓани на РСМ со бугарска самосвест, што праведно ги бранат своите права.
„Се бара властите во соседната земја да прекинат со какви било дејства и изјави што го оправдуваат насилството, и се изразува несогласување со јавното негирање и омаловажување на постоењето на сериозен проблем со правата и безбедноста на Бугарите таму“,
се вели во документот.
