Во интервју за германскиот весник „Берлингер цајтунг“, чии главни поенти тој ги сподели на својот фејсбук-профил, Радев во извесна смисла потврдува дека во Брисел се разгледува опцијата за приклучување на Украина кон Унијата на брза лента, но, како што може да се заклучи од неговиот наратив, тој не е приврзаник на оваа идеја
Минатата недела македонскиот премиер Христијан Мицкоски во телевизиско интервју кажа дека во Брисел сè погласно се слуша идејата која го опфаќа мировниот план за Украина во кој нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, бил била на брза лента, а во таквите сценарија, како што кажа, е вклучена и Македонија, која би станала членка, но без право на глас
Поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев, во интервју за германскиот весник „Берлингер цајтунг“ вели дека Софија сака што поскоро да ја види Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), но неопходен услов за тоа да се случи е првин земјава да ги спроведе уставните измени за вклучување на Бугарите во највисокиот правен акт на државата.
Поранешниот претседател на Бугарија, Румен Радев / Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS
Радев неодамна си поднесе оставка од функцијата шеф на држава за да формира движење, односно политички субјект со кој ќе трча на предвремените парламентарни избори во Бугарија, што неговата поранешна заменичка, а сега вршител на функцијата претседател на Бугарија, Илијана Јотова, ги распиша за 19 април.
Според познавачите на состојбите во Бугарија, се очекува експретседателот да освои голем процент од гласовите на претстојните избори, што би му ги отворило вратите за формирање на следната влада во Софија.
Во однос на земјава, тој го повторува ставот на Софија дека, според европскиот консензус од јули 2022 година, Република Северна Македонија мора да го смени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите народи, и само тогаш земјава може да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да ја видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, да работат и да комуницираат заедно“,
вели Радев.
Во интервјуто, чии главни поенти ги сподели тој на својот фејсбук-профил, Радев во извесна смисла потврдува дека во Брисел се разгледува опцијата за приклучување на Украина кон Унијата на брза лента, но, како што може да се заклучи од неговиот наратив, тој не е приврзаник на оваа идеја.
„Украина и украинските граѓани заслужуваат поддршка во исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхагенските критериуми. Земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото. Не треба да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни потребните критериуми за членство во ЕУ“,
наведува поранешниот бугарски претседател.
Минатата недела македонскиот премиер Христијан Мицкоски во телевизиско интервју кажа дека во Брисел сè погласно се слуша идејата која го опфаќа мировниот план за Украина во кој нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, бил била на брза лента. Во таквите сценарија, како што изјави Мицкоски, е вклучена и Македонија, која би станала членка, но без право на глас.
„Првото сценарио е Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија да стане земја членка на ЕУ и тоа да се случува на почетокот на 2027 година – да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Да учествуваме во работата на Советот, комисиите, телата, но без прво на глас со многу внатрешни контролни механизми. Кога ќе ги затвори поглавјата, земјата постепено да се интегрира сè додека целосно не го адаптира својот систем на она што го бара Европската Унија“,
рече Мицкоски во интервјуто за телевизијата Канал 5, емитувано во четвртокот.
Премиерот во оваа смисла додаде дека треба да бидат исполнети два задолжителни услови. Првиот, како што рече Мицкоски, земјава го има исполнето прва во регионот, а тоа е заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Вториот услов е владеење на правото.
На прашањето дали за земјава услов ќе бидат и уставните измени, тој рече:
„Претпоставувам дека за нас услов ќе бидат уставните измени, но генерално зборувам како пакет. За нас претпоставувам дека и тоа ќе биде бидејќи е прифатено од страна на претходната влада. Оваа интеграција би се случила некаде на почетокот на 2027 година. Вториот услов е на ова да се приклучат и другите земји од регионот, а тоа се Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија, која е малку подалеку од регионот“.