„Ќе стапам во контакт со сите партии што ќе влезат во 51. Народно собрание и ќе побарам нивно мислење, односно како тие го гледаат овој процес, со цел да има најдобри услови за преговори меѓу партиите и да се најде добро решение“, рече денеска бугарскиот претседател
Сите сакаме да заврши овој исцрпувачки маратон на континуирани избори, со цел да имаме одржлив и остварлив парламент и ефикасна редовна влада што ќе може да носи храбри одлуки. Важно е владата и парламентот да имаат соодветен легитимитет. Ова денеска го изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред медиумите откако гласаше на избирачкото место при што посочи дека најважно е граѓаните да излезат на гласање.

„Најважно е денеска да се гласа. Затоа и мојот апел денеска до бугарскиот народ е да излезат на изборите и да гласаат“,
рече тој.
На прашањето дали ќе им даде време на политичките партии или ќе побрза со консултации за формирање влада, Радев рече дека треба да им се даде можност на партиите после изборите да седнат и во мирен амбиент да ги разгледаат сите опции бидејќи се очекува да се формира редовна влада.
„Ќе стапам во контакт со сите партии што ќе влезат во 51. Народно собрание и ќе побарам нивно мислење, односно како тие го гледаат овој процес, со цел да има најдобри услови за преговори меѓу партиите и да се најде добро решение“,
вели бугарскиот претседател.
Граѓаните на Бугарија денеска избираат 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова се седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години. Последните предвремени избори се одржаа на 9 јуни годинава.
Според предизборните анализи, ГЕРБ на Борисов е главен кандидат за победа и сега, но и покрај прогнозираното водство од 26 отсто, веројатно ќе се соочи со тешкотии во обезбедување коалициски партнери. Во меѓувреме, интересот за гласање опаѓа поради страв од манипулации.
Бугарија не успева да формира стабилна влада уште од 2020 година откако протестите против корупцијата ја соборија владејачката коалиција предводена од партијата ГЕРБ.
На денешните избори за Националното собрание учествуваат 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат.
