Телефонскиот разговор меѓу Радев и Штајнмаер е инициран од германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 5 и 6 октомври во Словенија
Во својот дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права.
Ова го изјавил претседателот Румен Радев, кој денеска одржа телефонски разговор со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, јавија бугарските медиуми.
Разговорите ги иницирал германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 5 и 6 октомври во Словенија.
Радев, како што објави Бгнес, рекол дека целиот регион ќе има корист од напредокот во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија, а Бугарија очекува конкретни резултати во однос на, како што рекол, човековите права што ќе го забрза овој процес.
„Во моментов, во тек е попис во Република Северна Македонија и Бугарија прима голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ“,
рекол Румен Радев, објави неговата прес -служба во соопштението што го пренесуваат бугарските медиуми.
Радев, според медиумските извештаи се пожалил дека бројните изјави и ветувања дадени од државниот врв на Република Северна Македонија кон Бугарија во текот на годините остануваат неисполнети, вклучувајќи го и билатералниот договор за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година.
„Затоа нашата земја инсистира на правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на Република Северна Македонија“,
рекол Радев.