Бугарскиот претседател, како што појаснија за „360 степени“ од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, заедно со јорданскиот крал Абдула е кодомаќин на овогодинешниот АКАБА самит, на кој клучните теми за кои ќе стане збор ќе бидат безбедноста, борбата против тероризмот и илегалната миграција
Важноста на конструктивниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји, вкучитечно и во мултилатералните формати бил тема на телефонскиот разговор што бугарскиот претседател Румен Радев вчера го имал со македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.

За разговорот информираа од Кабинетот на Радев, преку кусо соопштение објавено на официјалната интернет страница на претседателот на Република Бугарија.
„Овој дијалог е од особено значење и за градење стабилна основа за развој на билатералните односи и за справување со регионалните и глобалните предизвици поврзани со безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против илегалната миграција“, се вели во соопштението.
Информација за разговорот, барем засега, не е објавена на каналите за комуникација на претседателката Сиљановска-Давкова со јавноста и медиумите, но во телефонски разговор од нејзиниот Кабинет за „360 степени“ потврдија дека двајцата претседатели вчера имале комуникација.
Како што велат од претседателкиот Кабинет, станувало збор за пријателски разговор во кој бугарскиот претседател ја поканил Сиљановска-Давкова да учествува на АКАБА-самитот кој на почетокот на април треба да се оддржи во Јордан.
Радев, како што појаснуваат од Кабинетот, заедно со јорданскиот крал Абдула е кодомаќин на овогодинешниот самит, на кој клучните теми за кои ќе стане збор се безбедноста, борбата против тероризмот и екстремизмот и илегалната миграција.
„Поканата е прифатена и можеме да потврдиме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе оди на самитот во Јордан“, велат од Кабинетот на претседателката на државата.
Инаку, покана за присуство на самитот во Јордан од бугарскиот претседател Сиљановска-Давкова, како што самата кажа во неодамнешното интервју за ТВ Сител, добила и за време на нивната средба на одбележуавњето на 80-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари.
„Значи, тоа беше еден убав разговор, повторно двајцата рековме, и тој рече дојдете, јас реков набргу ќе се сретнеме сега во април бидејќи тукушто ме покани на т.н. процес АКАБА, тоа е процес за борба со тероризмот и екстремизмот, инициран од јорданскиот крал. Значи одбрана група од претседатели, така пишува, одбрана група, се канат и во моментот кодомаќини се господин Радев и јорданскиот крал. Ние имаме усвоено Национална стратегија за борба со тероризмот и екстремизмот, и еве уште една причина да видиме што ќе правиме“, рече претседателката на државата во интервјуто.
Претходно, двајцата претседтели имаа средба на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 што лани во ноември се одржа во главниот град на Азербејџан, Баку, а на која, како што беше соопштено, меѓу другото, било разговарано за унапредување на македонско-бугарските односи, надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес.
Инаку, претседателот на Бугарија, Радев вчера имал телефонски разговор и со премиерот на Бугарија, кој, според содржината, се однесувал на истата тема како и оној со македонската претседателка.
„Се разговараше за одличниот дијалог меѓу Бугарија и Грција, вклучително и во меѓународните формати, кој е од клучно значење за задржување на заедничките позиции и постигнување решенија како на полето на билатералната соработка, така и во однос на обезбедувањето регионална и меѓународна безбедност, борбата против тероризмот и спротивставувањето на илегалната миграција“, се вели во соопштението за телефонскиот разговор меѓу Радев и грчкиот премиер, Мицотакис.