Што се однесува до гаранциите за културно-историското наследство, вчера пратениците гласаа бланко-чек, без неопходните механизми и рокови за заштита. Следните бугарски влади ќе бидат во сегашната ситуација – да имаат неплодни спорови со македонската страна, рече бугарскиот претседателот коментирајќи ја вчерашната резолуција на бугарското Собрание со условите под кои Бугарија ќе го подигне ветото за евроинтеграциите на С Македонија
Францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен воопшто, вклучително и бугарско-македонскиот протокол, доколку нашите политичари посветија многу, многу повеќе внимание на целиот овој процес, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев, коментирајќи ја вчерашната резолуција на бугарското Собрание со условите под кои Бугарија ќе го подигне ветото за евроинтеграциите на С Македонија.
„Францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен воопшто, вклучително и бугарско-македонскиот протокол, доколку нашите политичари посветија многу, многу повеќе внимание на целиот овој процес, доколку дипломатите од МНР не се потпираат само на институцијата Претседател и не губат многу време и енергија во обидот да ја доведат дивергентната политика на премиерот во некаква прифатлива рамка“,
изјави Радев.
„Што се однесува до гаранциите за културно-историското наследство, вчера пратениците гласаа бланко-чек, без неопходните механизми и рокови за заштита. Следните бугарски влади ќе бидат во сегашната ситуација – да имаат неплодни спорови со македонската страна“,
изјави Радев.
Бугарското собрание вчера со 170 гласа „за“ изгласа резолуција што ја поднесе Демократска Бугарија. На седницата на бугарскиот парламент во последен момент беше интервенирано во една од одредбите на предлогот поднесен од лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, која се однесува на споменувањето на Договорот од 2017 година и протоколите што произлегуваат од него во Преговарачката рамка.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во вчерашното издание на „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека се надева оти корекциите што во последен момент ги усвои бугарскиот парламент во одлуката за прифаќање на францускиот предлог „даваат основа за да има разбирање за нашите позиции во процесот“.
„Секако дека и бугарските позиции се земени предвид во дефинирање на овој пакет, бидејќи за да даде согласност Бугарија сакаше да ги види и своите позици“,
рече Османи.
Од бугарското МНР денеска објавија соопштение во врска со вчерашната одлука на Собранието во кое објаснуваат дека параметрите на Одлуката на бугарскиот парламент се засноваат на предлогот на француското претседателство и не поставуваат услови надвор од оние за кои веќе се разговараше во дискусиите во Европската унија и во текот на билатералните преговори со Република Северна Македонија.
„Оваа одлука ја одразува широката поддршка на партиите застапени во парламентот во Народното собрание на Република Бугарија за европската иднина на сите шест земји од Западен Балкан“,
велат од МНР и додаваат дека се подготвени да пристапат кон потпишување на Протоколот согласно член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија.