Жељазков, како предлог на ГЕРБ-СДС за премиер, се очекува на Радев да му го претстави составот на владиниот кабинет, кој ќе биде поддржан од ГЕРБ-СДС, БСП – Обединета левица, Има таков народ
Бугарскиот претседател Румен Радев се очекува денеска во рамките на 51. Народно собрание да му го врачи мандатот за формирање влада на кандидатот за премиер, предложен од ГЕРБ-СДС, пренесува БГНЕС.
Со тоа, се очекува Радев да го врачи мандатот за формирање редовна влада по повеќе од два месеци од одржаните предвремени парламентарни избори на крајот од октомври минатата година.

Росен Жељазков, како предлог на ГЕРБ-СДС за премиер, се очекува на Радев да му го претстави составот на владиниот кабинет, кој ќе биде поддржан од ГЕРБ-СДС, БСП – Обединета левица, Има таков народ.
Од партијата на Ахмет Доган – „Демократија, права и слободи – ДПС“ се очекува парламентарна поддршка.
Жељазков потврди дека веќе се прецизирани сите имињата за предлог-министри во владиниот кабинет.
Досега, според бугарските медиуми, ГЕРБ-СДФ, БСП и ИТН собрале 107 пратеници, од потребните 121 пратеници, но доколку партијата „Демократија, права и слободи“, го поддржи новиот кабинет, ќе има 126 пратеници.
Како што пренесува БГНЕС, веќе се појавија имињата на дел од идните министри од коалицијата предводена од Бојко Борисов.
Така, Томислав Дончев е предложен да биде вицепремиер, а се очекува да го преземе и Министерството за иновации.
Даниел Митов, кој во претходните кабинети на ГЕРБ раководеше со Министерството за надворешни работи, ќе раководи со Министерството за внатрешни работи. За МНР се зборува името на поранешниот заменик-министер за надворешни работи во времето на Екатерина Захариева – Георг Георгиев.
Адвокатот и универзитетски предавач Георги Георгиев е предложен да раководи со Министерството за правда. Финансиите ќе и бидат доверени на Теменушка Петкова.
Красимир Валчев се враќа во образованието. Двајца министри од сегашниот привремен кабинет се очекува да ги задржат своите функции, како министерот за земјоделство Георги Тахов и министерот за одбрана Атанас Запријанов.
Јасни станаа и имињата на кандидатите за министри на БСП – Обединета левица. Атанас Зафиров ќе биде вицепремиер. Борислав Гуцанов ќе биде министер за труд и социјална политика, Манол Генов – министер за животна средина и води, Иван Иванов – министер за регионален развој и јавни работи, а Иван Пешев ќе го преземе Министерството за млади и спорт.
Партијата на Слави Трифонов се очекува да го добие Министерството за здравство, а за министер е предложен Силви Кирилов. Министерството за транспорт се очекува да го добие Гроздан Караѓов, кој претходно беше регионален министер. Има таков народ ќе го добие Министерството за економија.
Парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 27 октомври 2024 година, а Радев одлучи да им даде дополнително време на партиите за преговори пред да го даде првиот мандат, нагласувајќи дека тоа го направил со надеж дека преговарачите треба да разберат дека нивната одговорност оди подалеку од партиските интереси и дека се одговорни пред целиот бугарски народ.
На парламентарни избори во октомври победи партијата на десниот центар ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, освојувајќи околу 25 отсто од гласовите.