Денот на предавање на мандатот на партијата победник на изборите за формирање на новата бугарска Влада ќе биде познат кога партиите ќе гарантираат дека постигнале резултат во преговорите, потенцира бугарскиот претседател Румен Радев. Според него, партиите мора да дадат јасни гаранции дека ќе создадат таква влада, која ќе биде обединета околу приоритетите и целите што се во интерес на бугарските граѓани.

Раководството на „Има таков народ“ (ИТН) денеска ќе ги продолжи консултациите за состав на новата бугарска влада, а приоритетите на идниот кабинет ќе им ги претстави и на претставниците на Демократската партија за права и слободи (ДПС) иако веќе соопштија дека не планираат да им понудат партиципација во тимот министри.
Инаку, Националниот совет на Бугарската социјалистичка партија (БСП), денеска ќе решава дали ќе ги продолжи разговорите со партијата победник ИТН за можна соработка во идната влада.
