Бугарскиот претседател Румен Радев, во однос на спорот меѓу Скопје и Софија, денеска порача дека треба да се почека да се смират емоциите и да се има трпеливост и здрав разум, и уште еднаш ги повтори ставовите дека Северна Македонија треба да влезе во ЕУ, но без говор на омраза и признавање на историската вистина. Тој смета дека Бугарија мора да ги брани овие права.
„Нашите браќа од Република Северна Македонија треба да станат членови на ЕУ, но тоа мора да биде со искоренување на антибугарската реторика, говорот на омраза и објективното признавање на историската вистина, што мора да стане неповратен процес и тука Бугарија треба категорично да ги брани своите права“,
изјави Радев, пренесува БГНЕС.
Тој потсетува дека зборувал и за Договорот за добрососедство од 2017 и нагласил дека една година по потпишувањето барал да се потпише анекс бидејќи немало напредок. Пред една година, пак, тој потсети дека свикал и состанок.
„Пред една година, свикав итен состанок со владини претставници на кој инсистирав да има национална рамковна позиција која јасно ќе ги утврди нашите услови и црвени линии. Продолжувам да се залагам за тоа“,
одговорил Радев на прашањето дали Бугарија треба да остане на ставот и да отстапи.