Бугарскиот претседател смета дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап
Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со С Македонија, а најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот на Португалија Марсело де Соуза, јави МИА од Софија.

Тој истакна дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело де Соуза можат да помогнат да се најде конструктивен пристап.
„Тој пристап мора да се заснова на почитување на ставовите и проблемите на земјите за кои зборуваме и почитување на нивните позиции. Врз основа на овој пристап, гледам отворање перспектива за интензивно продолжување на дијалогот, за развој на соодветни патокази, соодветни документи и односи на сите структурни нивоа, што ќе ги дадат соодветните гаранции за нас, особено за да бидеме убедени дека процесот на проширување ќе биде ефикасен, стабилен и неповратен“,
истакна Радев.
Што се однесува до тоа дали Скопје ги исполнува условите, според бугарскиот претседател Радев постои цела листа формални услови. Според него, треба да се работи на тоа да нема омраза меѓу младите во двете земји.
„Кога ја формирав привремената влада, им поставив задачи на привремените министри за туризам, за образование и за надворешни работи, да размислуваат како да ги зближиме нашите млади луѓе. Наместо да плаќаме за мерки за одржување на туризмот во живот, државата треба да им даде пари на оние хотели, кои ќе обезбедат целосна поддршка за деца, ученици, како од Бугарија така и на нашите пријатели од Република Северна Македонија“,
рече Радев и додаде дека ја споделува идејата со македонскиот претседател Стево Пендаровски за време на нивната заедничка посета на Рим.
Тоа, според Радев, ќе биде исклучително важен чекор што ќе ги отвори вратите на двете земји кон одржлива и стабилна иднина, пријателство не со документи, ниту со декларации, туку вистинско пријателство и почит кон луѓето од двете страни на границата.