Шефот на државата вели дека е добро што постапката се одвива пред очите на јавноста затоа што нема скриени агенди и никој не треба да се плаши дека ќе се направи нешто надвор од она што веќе постои во Преамбулата на Уставот
Премиерот Ковачевски, пак, вели дека работната група ќе работи транспарентно, а според неговата изјава денеска треба да се избере нејзин претседател
Работната група за уставни измени, која ја формира Министерството за правда, денеска ќе го одржи првиот состанок, за што денеска своите очекувања ги дадоа претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.
За претседателот, членовите ќе немаат многу работи бидејќи се знае која е обврската што треба да се спроведе.

„Мојот претставник денеска ќе учествува на таа прва работна сесија на експертската група формирана од Министерството за правда. Не знаеме, треба да утврдат на првата седница колку такви седници ќе им треба и едноставно да утврдат ред во работењето. Јас се надевам, со оглед на тоа што претпоставувам е обврска која сите ја знаеме, дека тука многу работа објективно нема. Не знам колку седници ќе им требаат, но факт е дека добро што почна таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста. Значи нема тука никакви скриени агенди и некој да не се плаши дека нешто може да се направи надвор од она што е веќе воведено во преамбулата и во нормативниот дел на Уставот за сите останати етнички заедници. Се разбира, разлика нема да има за Бугарите“,
рече денеска Пендаровски.
Претседателот го повтори и својот став дека нема ништо страшно да се вметнат Бугарите во Уставот.
„Јас преку мој претставник учествувам и со тоа го кажувам јасно мојот политички став дека сум за тие уставни промени, не мислам дека се тие нешто страшно за нас и не мислам дека ако ги внесеме Бугарите во Уставот заедно со другите шест-седум делови од народи дека државата ќе пропадне“,
рече Пендаровски.
Почетокот на работата денеска во одговор на новинарски прашања го коментираше и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека денеска треба да се избере претседател и тврди дека ќе се работи транспарентно.

„Владата во рамките на Министерството за правда формираше работна група која треба да го изготви текстот на предлог амандманите. Тие ќе работат според своите правни норми. Денеска почнуваат со работа, ќе биде избран претседател и другата форма на функционирање на самата работна група. Таа нормално дека ќе биде транспарентна во делот на тоа како работи, но не знам дали очекувате камери да присуствуваат додека разговараат?!“,
им рече Ковачевски на новинарите.
Претставник во работната на кабинетот на претседателот кој е дел од работната група е Александар Спасов, додека од владините институции претставници имаат Секретаријатот за европски прашања – Драган Тилев и Министерството за надворешни работи – Шпед Садики.
Од партиите, пак, со претставници се оние во власта, додека опозициските не номинираа свои членови: Цветанка Иванова – СДСМ; Арбер Адеми – ДУИ; Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците; Соња Мираковска – НСДП; Нано Ружин – ЛДП; Христа Најданов – ДОМ; Темелко Ристески – Партија на пензионери; Раметула Куќи – ДПА; Еран Куртиш – Партија за движење на Турците; и Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците.
Исто така, дел од работната група се и експерти – поранешни уставни судии и професори. Според списокот кој го објави Министерството за правда, станува збор за: Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд; Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур; Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право; Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд; Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ; Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“; Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“; Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ; Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет; и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.