Станува збор за средства од буџетот што им беа скратени на политичките партии за време на вонредната состојба, со уредба со законска сила, а со цел справување со последиците од ковид-кризата. Овој пат и опозицијата не опструираше, така што се донесе и сет закони што произлегуваат од четвртиот пакет-мерки
Дури четири пленарни седници беа закажани во саботата во Собранието, кое, овој пат експресно усвои сет закони, меѓу кои и тие што произлегуваат од четвтиот пакет мерки за справување со последиците од ковид-кризата, за разлика од претходните денови, па и седмици, кога најчесто „кубуреше“ со кворум за одлучување и со мнозинство за донесување на одлуките, додека опозицијата поднесува илјадници амандмани.
Опозицијата учествуваше во обезбедувањето кворум, така што мазно помина и Законот за финансирање политички партии, што вчера го усвои Комисијата за политички систем, а со кој се предвидува враќање на средствата (помалку од два милиони евра) што им беа скратени на партиите за време на вонредната состојба.
Со предложените решенија во законските измени, практично, се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање на политичките партии.
Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за 2020 година и за 2021 година се во висина од 0,105% од вкупните приходи на буџетот. На политичките партии, на кои им се исплатени средства во износ согласно со Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, (за време на вонредната состојба), ќе им се исплати разликата на средства најдоцна до 31 декември 2020 година.
Пратениците од власта и од опозициција изгласаа и неколку закони кои се однесуваат на четвртиот сет антикризни мерки. Со нив ранливите категории ќе добијат помош од по 6 000 денари, а финансиска подршка ќе има и за лозарите.
Граѓаните со ниски примања, самохраните родители, децата без родители, филмските работници и уметници ќе добијат помош од државата од по 6000 денари кои ќе треба да ги потрошат најдоцна до 25 декември.
Пратениците од опозицијата порачаа дека секогаш ќе подржуваат закони кои се од интерес за граѓаните.