Во име на своите партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, ДОМ, Алтернатива, Движење Беса) се обврзуваат и дека нивните партии неодложно ќе преземат санкции и други дејствија против партиските членови кои користат несоодветен и дискриминаторски јазик или насилство со што се нарушува угледот на жените политичарки
Членовите на Работната група за родова еднаквост составена од жени и мажи од осум политички партии силно ги осудуваат сите форми на говор на омраза и дискриминација со коишто се нарушува правото на жените да учествуваат слободно и правично во изборниот процес како кандидатки.
Во денешната реакција тие во име на своите партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, ДОМ, Алтернатива, Движење Беса) се обврзуваат и дека нивните партии неодложно ќе преземат санкции и други дејствија против партиските членови кои користат несоодветен и дискриминаторски јазик или насилство со што се нарушува угледот на жените политичарки.
„Овие локални избори се тест за нашите способности и разбирање на правото на еднакви можности и слободни и фер избори. Жените го имаат истото право како и мажите да бидат активни во политичкиот живот, да придонесуваат со својата експертиза и знаење без страв од насилство во било која форма коешто негативно влијае на личниот, професионалниот и семејниот живот на жените политичарки, како и на нивото на целиот политички дискурс“,
велат во реакцијата.
Тие потсетуваат дека насилството врз жените во политиката се манифестира во повеќе облици, најчесто како мизогинија, сексистички, шовинистички и друг тип на напади и понижување, а тоа претставува директен напад врз демократијата и пристапот/правото до еднакви можности.
„Мораме да создадеме безбедно опкружување со цел и мажите и жените бидат политички активни и поддржани во нивните заложби да се кандидираат на демократски и слободни избори. Се надеваме дека ќе се стави крај на вербалните напади врз жените-кандидатки и дека предизборниот период и изборите ќе продолжат во фер и демократска атмосфера за сите учесници“,
се вели во реакцијата.
Националниот демократски институт и Шведската меѓународна агенција за развојна соработка (Сида) во моментов ја спроведуваат кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката” како дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените. Кампањата има за цел да се елиминира насилството врз жените во политиката и да се унапреди родовата еднаквост преку политичко учество, поддршка и поттикнување на жените да учествуваат во најголем можен степен во политиката, како резултат на нивните желби, предиспозиции и амбиции.