Сепак, посочи дека сè уште не може да се потврди ништо околу иницијативата за средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот премиер Росен Желјазков на Самитот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски денеска изјави дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија, како и оти постои иницијатива за средба меѓу македонска и бугарска страна на Самитот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.

Според него, нашата страна е подготвена за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, како и дека наше е и да ставиме јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.
„Наше е да нудиме решенија, но наше и да ставиме една јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања македонските граѓани и нашата Влада не се подготвени да преговараат и разговараат. По однос на редефинирање на нашиот идентитет, по однос на прашања од историската природа кои можеме со апсолутна сигурност да ги констатираме, по однос на прашања со другите идентитетски атрибути на македонскиот народ, за такви прашања не сме подготвени да разговараме. Но, подготвени сме за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности и секаде онаму каде што има волја, може да се најде соодветен пат“,
изјави денеска Муцунски на прес-конференција во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Сепак, посочи дека се уште не може да се потврди ништо околу иницијативата за средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот премиер Росен Желјазков на Самитот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.
„Се надеваме дека таа средба ќе се оствари, има засилена комуникација во следните денови, се уште не можеме ништо да потврдиме. Претседателката Сиљановска-Давкова и јас заедно со министерот за одбрана ќе бидеме дел од таа делегација и се надеваме дека една таква средба ќе може да даде импулс кон изнаоѓање на некое решение“,
кажа тој.
Потсети дека земјава е посветена на евроинтеграциите и дека се преземени конкретни чекори како државата да се движи напред во евроинтеграциите.
„Во последната година од мандатот на Владата, станавме прва земја од регионот која потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, станавме дел од заедничкиот европски систем на плаќање – СЕПА. Станавме прва земја во регионот којашто прими средства од Планот за раст. Што значи дека ние не само што сме покажале дека сме посветени на процесот на евроинтеграција, туку имаме и конкретни придобивки од тоа што чекориме напред кон ЕУ. Затоа, велам, преземени се конкретни чекори како државата да се движи напред кон полноправно членство, но таа политичка бариера од Бугарија постои, бидејќи овие мерки ја движат напред земјата кон полноправно членство во ЕУ, но никако не можат да го заменат процесот на отварање на преговори“,
рече министерот.
Посочи дека имаат и тековна комуникација со сите земји-членки, а фокусот е со Европската комисија и со Европскиот парламент, како и колку што е можно соодветни канали на комуникација со Бугарија, која го блокира овој процес.
„Не велиме дека ќе биде лесно, но сметаме дека доколку имаме принципиелни позиции, доколку имаме јасен став, доколку Бугарија развие свест за геополитчките случувања – ќе има разбирање и во Софија дека треба што побрзо да се откочи овој процес“,
вели Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски викендов изјави дека е остварена комуникација со Канцеларијата во Европската комисија во земјава во врска со иницијативата за средба меѓу македонската и бугарската страна и оти има предлог за термин, но се чека на одговор од Софија.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, кажа дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.