Базата на податоци за јавни набавки на општините на Центарот за граѓански комуникации покажува дека вкупната вредност на договорите за јавни набавки за 2020 година е 129 милиони евра, колку и претходната година
Апсолутен лидер по вредноста на договорите е Градот Скопје, а по жител е Новаци
Најмалку од буџетот општините, без Градот Скопје, потрошиле за заштита од коронавирусот
Осумдесетте општини и Градот Скопје изминатата 2020 година склучиле 3 454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, (129 милиони евра), односно речиси исто колку и претходната 2019 година.
Ова го покажува Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според неа, Градот Скопје и уште 20 општини во ова а година на пандемија дури и имаат пораст на вредноста на набавките, додека намалување има кај 61 општина.

Градот Скопје има најголем вредносен скок во однос на претходната година, од 10,3 милиони евра, по што следуваат Општина Гостивар со 5 милиони евра и Аеродром со 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
За Скопје една четвртина од вкупната вредност на набавките
Лидерската позиција на листата на општини со најголема вкупна вредност на тендерите ја држи Град Скопје со 31 милион евра – или една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно.
Исто така, Градот Скопје и уште седум општини потрошиле половина од вкупно потрошените средства за јавни набавки.
Ако се анализира уделот на Скопје со сите општини во вкупната вредност на набавките, тоа се 45% од сите пари за јавни набавки на општините.

Но, по жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, а најмалку Шуто Оризари со само 7 евра по жител.
Просекот, пак, е 56 евра по жител.
За заштита од корона ниту еден проимил од општинските буџети
Анализата на тоа која фирма заработила најмногу од договорите за јавни набавки, покажува дека на прво место е градежната компанија „Гранит“ АД Скопје, енергетската „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) од Скопје и градежната „Пелагонија“ од Гостивар.
Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки всушност заработиле една четвртина од вкупната вредност на набавките.

За заштита од коронавирусот, општините, без Градот Скопје, потрошиле само околу 600 илјади евра, што не е ниту еден промил од нивните буџети.
Базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно.
Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител за последните пет години.