Најголем дел од препораките за ублажување на кризата се фокусираат на секторот транспорт, кој, како што објави организацијата во Париз, сочинува 45 проценти од потрошувачката на нафта
Ограничувања на брзината на патиштата, работа од дома и помалку летови, се дел од мерките што ги предлага Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) за намалување на притисокот врз потрошувачите и пазарите поради нафтената криза, предзвикана од американско-израелската војна со Иран.

Најголем дел од препораките за ублажување на кризата се фокусираат на секторот транспорт, кој, како што објави организацијата во Париз, сочинува 45 проценти од потрошувачката на нафта.
Според Меѓународната агенција за енергија, повеќе часови работи од дома, намалување на дозволената брзина на патиштата и зголемено користење на јавниот превоз би можеле да ја намалат потрошувачката на гориво. Агенцијата проценува дека ефекти во таа насока би можеле да се постигнат со менување на рутината на патување и предлага пристапот до големите градови да се менува секојдневно помеѓу автомобили со парни и непарни регистарски табличка. Дополнително заштеди, според Агенцијата, би можеле да се постигнат преку споделување автомобили, поефикасно возење и подобрена ефикасност во товарниот сообраќај, пренесува Дојче веле.
Меѓународната агенција за енергија, исто така, соопшти дека избегнувањето на воздушниот сообраќај може да ја намали побарувачката на нафта за време на кризата. Индустријата би можела да се обиде да се префрли на алтернативни суровини како извори на енергија онаму каде што е можно.
Од своја страна, владите би можеле да водат со пример преку регулаторни мерки и целни стимулации, фокусирајќи ја поддршката на потрошувачите на кои им е најпотребна.
Според ИЕA, искуството од претходните кризи покажало дека целните механизми за поддршка се поефикасни од широко базирани субвенции.
Инаку, Меѓународната агенција за енергија претходно реагира на кризита со ослободување на рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, при што САД треба да го обезбедат најголемиот дел од залихите.
Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека најголемото ослободување на нафта од резервите за итни случаи е веќе започнато и оти е во постојан контакт со клучните светски влади.
Сепак, како што објаснуваат од Агенцијата, ослободувањето на стратешките резерви самото не може да го стабилизира нарушувањето што го трпат светските пазари поради конфликтот на Блискиот Исток. Според ИЕA, управувањето со побарувачката е клучна и ефикасна алатка за обезбедување енергетска безбедност и намалување на притисокот врз потрошувачите.
