Извозот на нафта ќе биде забранет од 1 февруари и ќе важи до 1 јули следната година, а датумот на забраната за нафтени деривати ќе го одреди руската влада
Рускиот претседател Владимир Путин одговори на западното ограничување на цената на нафтата и потпиша указ со кој се забранува снабдувањето со нафта и нафтени деривати на земјите кои учествуваат во ограничувањето. Во документот се наведува дека испораките на руска нафта се забранети доколку во договорите директно или индиректно е наведено ограничување на цената.
„Ова стапува на сила на 1 февруари 2023 година и важи до 1 јули 2023 година“,
се вели во указот потпишан од Путин.
Извозот на нафта ќе биде забранет од 1 февруари, а датумот на забраната за нафтени деривати ќе го одреди руската влада, најверојатно по 1 февруари. Указот содржи клаузула која му дозволува на Путин да ја поништи забраната во посебни случаи.
Групата Г7, Европската унија и Австралија се договорија овој месец да ја ограничат цената на руската нафта на 60 долари за барел. Ограничувањето е на сила од 5 декември поради „специјалната воена операција“ на Москва во Украина. Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел овозможува таа да се продава на трети земји користејќи танкери на земји од Г7 и ЕУ, нивните осигурителни компании и кредитни институции, но само ако нафтата се продава по цена под 60 долари за барел.