Ова, како што навел тој во својот говор на годишниот форум во Сочи, би било во спротивност со безбедносните интереси на Русија
Еден од интересите на Русија, рекол тој во обраќањето на настанот, е целосното обновување на односите со Соединетите Американски Држави (САД)
Рускиот претседател, Владимир Путин, на годишниот форум во Сочи рекол дека Русија нема да пропушти да одговори на како што ја нарече опасната милитаризација на Европа, порачувајќи дека „војна со Русија е глупост во која е невозможно да се поверува“, пренесува ХРТ.

„Мораме да го земеме ова предвид за да ја зачуваме нашата одбрана и безбедност“,
навел тој.
Говорејќи на настанот тој во форма на прашање рекол дали изјавите како онаа од Германија, дека ќе ја изградат најмоќната армија во Европа, се само реторика или навистина би можеле да се спроведат.
Во таа насока, тој додал дека Русија внимателно ќе ги следи овие настани, додавајќи дека рускиот одговор, како што кажал, ќе биде прилично убедлив.
Путин, исто така, изјавил дека европските земји ја поттикнуваат хистеријата и повторно се обидуваат да создадат непријател што го измислиле пред неколку стотици години, а тоа е Русија.
„Владејачките елити“ во Европа, според него, тврдат дека војната со Русија е близу, но како што навел тоа е „глупост“ во која е „невозможно да се поверува“. Ова, како што навел тој, би било во спротивност со безбедносните интереси на Русија.
Европските граѓани, додал тој, се исто така скептични бидејќи „не знаат што е толку лошо кај Русија и зошто треба да го стегнат ременот за да се соочат со Русија“.
Говорејќи во тој контекст, рускиот претседател кажал дека меѓународните санкции поради војната во Украина не успеале да ја покорат Русија и дека земјата покажала највисок степен на отпорност.
„Во однос на бројот и обемот на казнени мерки што ни се наметнати, оние срамно наречени санкции, Русија го држи апсолутниот рекорд во светската историја. Триесет, или можеби и повеќе… Па што? Дали ја постигнаа посакуваната цел? Мислам дека нема потреба да се објаснува дека овие напори не успеаја. Русија му покажа на светот највисок степен на отпорност, способност да издржи најсилен надворешен притисок. Горди сме на тоа, горди сме на Русија, на нашиот народ и на нашите вооружени сили“,
рекол Путин.
Тој додал дека во мултиполарен свет, „глобалната рамнотежа“ не може да се воспостави без одобрение од Русија.
Сепак, како што забележал тој, некои „остануваат упорни во својата желба да ѝ нанесат стратешки пораз“ на Москва.

Путин особено ги пофалил напорите на Доналд Трамп да посредува меѓу Израел и Хамас и да воспостави прекин на огнот во Газа.
„Внимателно ги следиме иницијативите на претседателот Трамп. Веруваме дека може да има светлина на крајот на тунелот“,
рекол тој, коментирајќи го мировниот план за Газа што американскиот претседател го презентираше во понеделникот, а кој беше прифатен од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Говорејќи за надворешната политика, Путин во својот говоро се претставил како застапник на мирот.
Тој рекол дека постојат многу разлики меѓу Русија и САД, но додал дека тоа е „нормално за големите земји“.
Рускиот претседател го пофалил пристапот на администрацијата на Трамп, која, како што навел, дава „директни изјави без лицемерие“.
„Претседателот (Доналд Трамп) и неговиот тим отворено дејствуваа како рационални актери во интерес на нивната земја – исто како Русија“,
нагласил Путин.
Во таа насока тој додал дека еден од интересите на Русија е целосното обновување на односите со САД.
На крајот од својот говор, тој рекол дека „во денешниот мултиполарен свет, хармонијата и рамнотежата за кои зборував можат да се обноват само преку заедничка работа“.