За неодамнешните инциденти со беспилотни летала низ Европа, германскиот канцелар вели дека тоа се руски начини за заплашување
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека води хибридна војна против Германија. Според него, кампањата на Москва се протега надвор од Украина и е насочена кон цела Европа.

Оваа изјава Мерц ја даде за германската телевизија НТВ, посочувајќи дека војната што ја води Путин против Украина всушност е насочена и против Европа.
„Путин има за цел да го поткопа политичкиот поредок на Европа. Поддршката на Украина е во интерес на Германија да ги брани отворените, либерални општества“,
рече тој.
На прашањето дали Путин води војна против Германија, Мерц одговори оти смета дека се води хибридна војна против нив.
За неодамнешните инциденти со беспилотни летала низ Европа, Мерц вели дека тоа се руски начини за заплашување.
„Нема да бидеме заплашени и ефикасно ќе се браниме“,
вели Мерц.
Иако вели дека размислува да разговара директно со Путин, сепак додаде дека секој обид да се комуницира со него во моментов завршува со уште построги напади врз Украина.
На состанокот на ЕУ што минатата недела се одржа во Копенхаген рече дека имал жестока дискусија со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Тој нè обвинува дека не сакаме да преговараме“,
вели германскиот канцелар.
Потсети оти посетите на Орбан на Киев и на Москва минатата година завршиле со бомбардирање на болница во главниот украински град.
„Тоа беше одговорот на Путин“,
рече тој.
Минатата недела се забележани беспилотни летала над неколку европски аеродроми, а се случи и кибернапад врз безбедносниот софтвер на аеродромот во Берлин.