Претходно рускиот лидер нагласи дека „никогаш не ја исклучил“ средбата со Зеленски, но праша дали има „некаква смисла“ во таков состанок

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен да се сретне со својот украински колега Володимир Зеленски во Москва, пишува Си-ен-ен.
Во разговор со медиумите во Пекинг, Путин рече дека американскиот претседател Доналд Трамп го прашал дали е можно да разговара со Зеленски.
„Доналд ме праша дали е можно да се одржи таков состанок. Реков да, можно е. На крајот, ако Зеленски е подготвен, нека дојде во Москва. Таков состанок ќе се одржи“,
рече Путин.
Претходно во својот говор, рускиот лидер нагласи дека „никогаш не ја исклучил“ средбата со Зеленски, но праша дали има „некаква смисла“ во таков состанок.
„Никогаш не сум ја исклучил можноста за средба со него. Но, дали има смисла да се сретнеме со него?“,
рече тој.
„Гардијан“ пишува оти Путин посочил дека мандатот на Зеленски истекол без „можности за продолжување“, повторно доведувајќи го во прашање неговиот легитимитет да ја држи функцијата без избори.
„Значи, дали има смисла да се сретнеме со сегашната администрација? Можеме да го направиме тоа, никогаш не сум одбил да го направам тоа ако тоа доведе до некои позитивни исходи“,
вели тој.
Путин, исто така, посочи дека Русија би можела да испрати повисок претставник за идните разговори со Украина.
„Доколку има потреба да се зголеми нивото на претставничката група, ние сме подготвени за тоа. Не сум подготвен да зборувам за конкретни луѓе, но да, ние сме подготвени да го подигнеме на многу високо политичко ниво“,
вели Путин.