Рускиот претседател Владимир Путин утре ќе се вакцинира против ковид-19. Информацијата, како што пренесува Асошиејтед прес, тој лично ја соопштил на средбата која денеска ја имал со претставници од руската влада, но не прецизирал со која вакцина.
„Денес можеме со огромна доверба да кажеме дека руските вакцини се безбедни и сигурни и тие се резултат на успехот на нашите научници и специјалисти“,
рекол Путин на средбата.
Според податоци што ги презентирал на средбата, досега во Русија 6,3 милиони жители ја добиле првата доза, додека повеќе од 4,3 милиони ги примиле и двете дози.
Тој побарал од владата да го зголеми производството на вакцини за домашна употреба и да се преземат мерки за раст на темпото на имунизација.
Путин исто така соопштил дека Русија има потпишано меѓународни договори за доставување дози од вакцината „спутник В“ за 700 милиона лица ширум светот.