Путин рече дека заедно со партнерите кои не ги признаваат санкциите од Западот ќе најде решение за сите проблеми
Рускиот претседател Владимир Путин ја коментираше денеска состојбата во светот, а во врска со воените дејствија кои се одвиваат во Украина.
Путин рече дека цените на енергентите на Запад растат поради „нивните погрешни калкулации“, а не поради неговата земја.
„САД забранија увоз на руски енергенти и сега се обидува да нè обвини нас за растот на цените, но ние со тоа немаме ништо“,
рече Путин.
Рускиот претседател додаде дека САД сега се обидуваат да потпишат договори за енергенти со Иран и Венецуела.
Тој рече дека постои зголемена побарувачка за одредени производи, но дека не постојат сомненија за проблемите да бидат решени.
„Јасно е дека во вакви моменти расте побарувачката за одредена група производи, но не се сомневам дека мирно ќе го решиме сето ова, дека луѓето со текот на времето ќе се преориентираат и ќе сфатат дека нема проблем што нема да го решиме“,
рече Путин на состанокот со советот на министри.
Путин рече дека и натаму има очекувања за овогодинешниот извоз да биде добар. Тој порача дека Русија нема да се затвори и ќе биде подготвена да соработува со сите.
„Повиците на непријателските земји кон своите граѓани потопло да се облекуваат, како и обвиненијата против Русија поради оваа состојба се многу чудни, посебно поради тоа што Русија ги исполнува своите обврски во секторот на енергетиката“,
рече рускиот претседател.
Путин рече дека заедно со партнерите кои не ги признаваат санкциите од Западот ќе најде решение за сите проблеми.
Претседателот на Русија истакна и дека Москва продолжува да извезува нафта и гас, вклучително и преку Украина.
„Ние ги почитуваме сите наши обврски во врска со снабдувањето со енергија“,
рече Путин за време на седница на руската влада посветена на последиците од санкциите, емитувана на телевизија.
Тој додаде дека дури и системот за пренос на гас во Украина е 100 отсто полн, согласно договорите.