Зборувајќи на состанок за состојбата на глобалните пазари на нафта и гас, Путин рече дека Русија ќе продолжи да ги снабдува своите „сигурни партнери“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да ѝ испорача енергенти на Европа доколку има интерес за тоа, но нагласи дека Москва истовремено ги зголемува испораките на нафта и гас на оние што ги смета за „сигурни партнери“. Меѓу нив ги спомена Унгарија и Словачка, објави „Дејли њуз Унгарија“.

Зборувајќи на состанок за состојбата на глобалните пазари на нафта и гас, Путин рече дека Русија ќе продолжи да ги снабдува своите „сигурни партнери“.
„Не мислам само на партнерите во Азиско-пацифичкиот Регион, туку и на земјите од Источна Европа, како што се Словачка и Унгарија“,
рече тој, додавајќи дека Москва веќе ги зголемила испораките за своите „сигурни партнери“ во неколку региони низ целиот свет.
Испораките на нафта за Унгарија беа прекинати на 27 јануари. Украина вели дека не може да го рестартира гасоводот „Дружба“ поради руските напади и бара прекин на огнот за да го поправи. Владата на Орбан, од друга страна, верува дека гасоводот „Дружба“ беше затворен поради политичката одлука на Зеленски да создаде недостиг на гориво пред унгарските избори.
Путин се сретна со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, во Москва минатата недела и рече дека Унгарија ќе продолжи да добива гас и нафта сè додека не се променат нејзините политики. Многумина во Унгарија ги протолкуваа тие зборови како закана. Доколку гласачите го соборат премиерот Орбан од власт на 12 април, Русија повеќе нема да ја смета Унгарија за „сигурен партнер“ и ќе ги прекине испораките на нафта и гас.
Пренасочување кон други пазари
Според турската новинска агенција Анадолија, Путин додал дека ЕУ планира да воведе дополнителни ограничувања за купување руски јаглеводороди, вклучително и течен природен гас, и дека се очекува целосна забрана за такви испораки до 2027 година.
„Наместо да чекаме вратата да ни биде затворена пред лицето, мора да дејствуваме сега, да ги пренасочиме овие количини од европскиот пазар кон поатрактивни дестинации и, што е најважно, да се консолидираме таму“,
рекол Путин.
Сепак, тој јасно стави до знаење дека Москва останува отворена за соработка со европските земји во снабдувањето со енергенси, нагласувајќи дека соработката ќе зависи од сигналите од европските престолнини за нивната подготвеност да работат без политички размислувања.
„Ако европските компании и клиенти одеднаш одлучат да се преориентираат и да ни понудат долгорочна, одржлива соработка без политички мотиви, нека биде така. Ние никогаш не сме одбиле соработка и сме подготвени да соработуваме со Европејците“,
рече Путин.
Глобална криза и зголемување на цените
Рускиот претседател, исто така, рече дека светските цени на нафтата скокнале за повеќе од 30 проценти во последните недели, истакнувајќи дека Москва постојано предупредува дека обидите за дестабилизација на Блискиот Исток неизбежно ќе го загрозат глобалниот енергетски сектор. Путин рече дека логистичките проблеми на транспортните правци ги нарушуваат глобалните синџири на снабдување и ја поттикнуваат инфлацијата, истакнувајќи дека околу една третина од светскиот извоз на нафта по море минува низ Ормускиот Теснец, кој сега е „практично затворен“.
„Производството на нафта што зависи од теснецот ризикува целосно затворање во следниот месец. Веќе почна да опаѓа, а складиштата во регионот се полнат со нафта што е невозможно, или исклучително тешко и скапо, да се транспортира“,
рече тој.
Путин додаде дека цените на гасот, исто така, растат, според негово мислење дури и побрзо од цените на нафтата, поради намалените испораки на течен природен гас од Блискиот Исток.
Тој истакна дека во сегашните услови, конкуренцијата меѓу купувачите за стабилни извори на енергија се интензивира, додавајќи дека руските енергетски компании одамна се познати по својата сигурност и стабилност. Производителите на нафта од арапските земји од Заливот го намалија производството бидејќи суровата нафта се натрупува во складиштата поради затворањето на Ормускиот Теснец. Танкерите во голема мера го избегнуваа тесниот воден пат поради нападите на САД и Израел врз Иран и загриженоста дека Техеран би можел да ги таргетира бродовите што минуваат низ таа рута.
