Оценувајќи дека Москва веројатно сака да го „криминализира независното новинарство“, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, во соопштение истакна дека не постои друг избор освен времено суспендирање на работата на сите новинари на Би-би-си на територијата на Русија
Откако рускиот парламент го усвои, претседателот Владимир Путин ги потпиша законските измени со кои ќе се гонат авторите на „лажни вести“ за војската. Според измените, објавувањето на вести, кои руските власти ги сметаат за „лажни“ би можело да биде казнето со вкупно 15 години затвор.
Конкретно, авторите и дистрибутерите на дезинформации за дејствијата на руските вооружени сили можат да добијат затворска казна до три години. Доколку лажната вест се шири како дел од „организирана група“ или е придружена со фалсификување докази, максималната казна се зголемува на 10 години затвор. Доколку, пак, ширењето на лажни информации предизвика сериозни последици, сторителите ќе добијат казна затвор до 15 години.
Откако Русија се реши за ваков чекор, претходно во текот на денот, британскиот јавен сервис Би-би-си објави дека ги повлекува сите свои новинари од оваа земја со цел да ја гарантира нивната безбедност.
Оценувајќи дека Москва веројатно сака да го „криминализира независното новинарство“, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, во соопштение истакна дека не постои друг избор освен времено суспендирање на работата на сите новинари на Би-би-си на територијата на Русија. Сепак, како што нагласи тој, рускиот сервис ќе продолжи да известува надвор од Русија.
Претходно, сајтот на руски јазик на Би-си-си, заедно со телевизијата „Дојче веле“, како и веб-страниците на Медуза и Радио Свобода (рускиот огранок на Радио Слободна Европа) се најдоа на удар на руските власти со тоа што беше ограничен пристапот до нивните веб-страници.