Во врска со руската инвазија, тој истакнал дека Украина никогаш нема да биде користена како воена база преку која ќе се уценува Русија
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјавил дека Западот нема да успее, како што рекол, „во обидите да остварат глобална доминација и да ја уништат Русија“ и дека тие се веќе пред крај.
„Ако Западот мисли дека Русија ќе се повлече, тогаш не ја разбираат Русија“,
рекол Путин на состанокот на владата, кој го пренесуваше руската национална телевизија.
Путин, исто така, рекол дека држењето на Русија под контрола е долгорочна политика на Западот и дека нивните економски санкции кон Русија се „кусогледи“ бидејќи повеќето земји не ја поддржуваат блокадата, пренесе Ројтерс.
Тој додал и дека западните земји сакаат да го погодат секое руско семејство со санкции и ги обвини дека се впуштаат во незапаметена информативна кампања против Русија.
Путин рекол и дека Русија е подготвена да разговара за неутрален статус на Украина, но дека Москва сепак ќе ги постигне своите цели со воената операција.
„Нашата земја направи сè за да ги организира и да ги води овие преговори разбирајќи дека е неопходно да се искористи секоја можност да ги спасиме луѓето и нивните животи“,
рекол Путин.
Тој, исто така, рекол дека Западот го искористил конфликтот за да им воведе санкции. Обраќајќи им се на луѓето кои живеат на Запад, Путин посочил дека „таму упорно се обидуваат да ги убедат дека Руската Федерација е виновна за негативниот ефект на санкциите“.
Во врска со руската инвазија, тој истакнал дека Украина никогаш нема да биде користена како воена база преку која ќе се уценува Русија.
„Ќе ја осигураме безбедноста на Русија, нашиот народ и никогаш нема да дозволиме Украина да служи како место од кое ќе се преземаат агресивни акции против нашата земја“,
порачал Путин.
Тој истакнал и дека тоа што руските сили се наоѓаат на влезовите во Киев нема никаква врска со намерата да се окупира Украина, пренесе Спутник.