И самиот Трамп по состанокот рече дека е постигнат голем напредок со Русија, без да даде дополнителни објаснувања
Рускиот претседател Владимир Путин направи значителни отстапки на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска на 15 август, изјави потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-Би-Си, без притоа да даде повеќе детали во однос на тоа за какви отстапки станува збор.
„Мислам дека Русите направија големи отстапки на средбата со претседателот Трамп, првпат откако започна конфликтот пред три и пол години. Она што е најважно е дека тие сега се подготвени да бидат флексибилни во врска со некои од нивните основни барања, нешто што досега го сметаа за недопирливо“,
кажа Џеј-Ди Венс.
И самиот Трамп по состанокот рече дека е постигнат голем напредок со Русија, без да даде дополнителни објаснувања. Воедно кажа и оти состанокот во Алјаска отворил врата за нова етапа во односите меѓу двете земји.
Венс во продолжение предупреди дека долготрајниот конфликт е неповолен за сите страни. „Војната не е во ничиј интерес. Не е во интерес на Европа ниту на САД. Исто така, јасно е дека ниту Русија ниту Украина имаат каков било интерес да продолжат да се борат. Време е сите актери да најдат пат кон решение“, изјави тој.
Специјалниот претставник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, два дена по средбата, односно на 17 август изнесе уште посериозни тврдења. Тогаш тој рече оти Москва јасно сигнализирала дека е подготвена да направи територијални отстапки во пет украински региони, повикувајќи се на териториите што моментално се под руска окупација. Тогаш, Виткоф кажа дека тоа е преседан – првпат Русија воопшто да покаже подготвеност за ваков вид компромис.
Своевидна потврда за овие сигнали дојде и од Москва. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во изјава дадена во петокот, потврди дека Кремљ прифатил да покаже флексибилност за голем број точки предложени од американската страна на средбата во Алјаска.
„Русија е подготвена да разгледа дел од предлозите што ги изнесе претседателот Трамп. Тоа се прашања кои секако не се лесни, но постои волја да се разговара за нив“,
кажа Лавров.
И покрај многубројните шпекулации, засега останува нејасно до каде се преговорите и што навистина значи големиот напредок кој го најави Трамп. Но, сите страни, и Вашингтон и Москва, испратија сигнали дека по првпат постои простор за вистински дипломатски исчекор по повеќегодишниот конфликт.