Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, пристигна во Москва во пресрет на рокот што САД ѝ го поставија на Русија за прекин на војната во Украина кој истекува на 8 август
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево во Кремљ го прими специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој денеска пристигна во Москва во пресрет на истекот на десетдневниот рок што САД ѝ го поставија на Русија за прекин на војната во Украина.

Објавени се и првите фотографии од средбата на кои Путин и Виткоф се ракуваат, насмевнувајќи се еден со друг.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави дека го намалува рокот од 50 дена што му го даде на рускиот претседател за да се согласи на прекин на огнот во Украина. Новопоставениот 10-дневен рок истекува за два дена, што значи дека ако официјална Москва не се согласи на чекори кон завршување на војната до 8 август, според најавите на Трамп, ќе се соочи со построги санкции.
Денешната е петта посета на Стив Виткоф на Русија од почетокот на годината. Последен пат беше во Москва на 25 април, а пред тоа, на 11 април, беше во Санкт Петербург. Путин се сретна со него двапати.