Како што изјави помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, кој присуствувал на состанокот, разговорот бил конструктивен и траел три часа
Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва оствари средба со Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Како што изјави помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, кој присуствувал на состанокот, разговорот бил конструктивен и траел три часа.
Според него, на состанокот се зборувало и за можноста за директни преговори меѓу Русија и Украина.
Посочи дека разговорите ги приближиле ставовите на Русија и САД, не само за Украина, туку и по други теми.
Најави дека продуктивниот дијалог меѓу Москва и Вашингтон ќе продолжи на различни нивоа.
Виткоф се сретна со Путин на 11 април во Санкт Петербург, а разговорите траеја околу четири и пол часа.
Русија и Украина не воделе директни разговори од првите недели од војната, која започна во февруари 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред да замине за Рим на погребот на папата Франциск, одговарајќи на новинарски прашања, оптимистички ја коментираше состојбата на преговорите.
„Мислам дека ќе завршиме со многу добри зделки. Ќе се обидеме да излеземе од војната за да спасиме 5 000 човечки животи неделно. Тоа е мојата цел. Сакам да спасам 5 000 млади мажи – главно Украинци и Руси. И би било голема чест ако можам да го направам тоа. Мислам дека сме прилично блиску“,
рече тој.
Американскиот преетседател во интервју за списанието „Тајм“, објавено денеска, а направено на 22 април, ја обвинува Украина за започнување на војната.