Ова рускиот претседател му го кажал шефот на иранската дипломатија, но и понатраму, како што пренесуваат агенциите останува нејасно што би можела Русија да направи за да го поддржи Иран, земја која е важен сојузник на Москва и со која Путин потпиша договор за стратешка соработка во јануари годинава, но кој не вклучува клаузула за меѓусебна одбранбена помош
Рускиот претседател Владимир Путин денеска на средба со министерот за надворешни работи на Иран изјави дека нема оправдување за американските бомбардирања на земјата и оти Москва се обидува да му помогне на иранскиот народ.

Путин во Москва го пречека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди, а воздуховните сили на САД извршија напади на три од главните нуклеарни постројки на Иран, пренесоа светските агенции.
„Оваа апсолутно неиспровоцирана агресија против Иран нема никаква основа или оправдување. Многу ми е мило што сте денеска во Москва, ова ќе ни даде можност да разговараме за сите овие итни прашања и заедно да размислиме како можеме да да излеземе од денешната ситуација“,
му рече Путин на Арагчи пред камерите, додавајќи дека Русија „вложува напори да му помогне на иранскиот народ“.
Шефот на иранската дипломатија Арагчи му се заблагодари на Путин за руската осуда на американските напади, наведувајќи дека Иран спроведува легитимна самоодбрана во однос на нападите врз Израел.
„Денес, Русија е на вистинската страна на историјата и меѓународното право“,
рече Арагчи.
Сепак, како што пренесуваат агенциите, и понатаму останува нејасно што би можела Русија да направи за да го поддржи Иран, земја која е важен сојузник на Москва и со која Путин потпиша договор за стратешка соработка во јануари годинава.
Сепак, тој договор не вклучуваше клаузула за меѓусебна одбранбена помош.
Пред нападите на САД во саботата, Москва предупреди дека американската воена интервенција може да го дестабилизира целиот регион и да го турне во „бездна“.
На прашањето што е подготвена да направи Русија за да му помогне на Техеран, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека сè зависи од тоа што му е потребно на Иран. Тој, исто така, кажа дека самиот факт што Москва понуди да посредува во кризата е форма на поддршка.
„Се случува, или поточно, се случи зголемување на бројот на учесници во овој конфликт. Нова спирала на ескалација на тензиите во регионот. И, секако, го осудуваме тоа и изразиваме жалење за тоа, длабоко жалење“,
изјави денеска Песков пред новинарите.
Покрај тоа, портпаролот на Кремљ, рече дека сè уште останува отворено прашањето што се случило со иранските нуклеарни објекти и дали постои опасност од зрачење.
Песков изјави и дека американскиот претседател Трамп не го информирал однапред и детално својот руски колега за планираните напади на иранските нуклеарни постројки.
„Немаше детални информации. Претседателите неколку пати разговараа за темата Иран за време на нивните неодамнешни разговори, при што Русија даде одредени предлози, но немаше директни детални информации за тоа“,
рече тој.

Инаку, рускиот претседател денеска телефонски разговарал со ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани, во врска со ситуацијата на Блискиот Исток, објави прес-службата на Кремљ.
„Се одржа телефонски разговор меѓу претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин и премиерот на Република Ирак, Мохамед ал-Судани. Беше остварена длабинска размена на мислења за ситуацијата на Блискиот Исток во врска со операцијата на израелските сили против Иран, како и ракетниот и воздушен напад на САД врз иранските нуклеарни постројки“,
се вели во соопштението на Кремљ.
За време на разговорот, Путин и Судани се согласиле да помогнат во одржувањето на првиот руско-арапски самит во октомври, додаваат од прес-службата.
Белата куќа денеска соопшти дека американскиот претседател останува на ставот дека Иранците треба да ја соборат владата во Техеран ако таа одбие да преговара за својата нуклеарна програма, но и дека Трамп е сè уште заинтересиран за дипломатија, пренесе АФП.
„Ако иранскиот режим одбие да дојде до мирно дипломатско решение, за кое претседателот сè уште е заинтересиран и за кое се ангажира, зошто тогаш иранскиот народ да не му ја одземе моќта на овој неверојатно насилен режим што го потиснува со децении?“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит за Фокс њуз.
Додека од едни страни стигнуваат осуди германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави оти нема причина да се критикуваат Соединетите Држави за нивните напади врз трите нуклеарни постројки во Иран.
„Нема причина да се критикува она што Америка го направи за време на викендот. Да, тоа не е без ризик. Но, оставањето на работите какви што беа, исто така, не беше опција“,
рекол Мерц во обраќање пред Федерацијата на германски индустрии.