Пред почетокот на средбата, портпаролот на Кремљ рече дека Путин и Виткоф ќе разговараат за нормализација на односите Москва-Вашингтон и за аспектите на мировните преговори со Украина
Рускиот претседател Владимир Путин ја започна средбата со специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој денеска допатува во Русија. Според информациите кои ги објави Кремљ, средбата се одржува во претседателската библиотека во Санкт Петербург, а нејзиното времетраење не е прецизирано.

Пред почетокот на средбата, портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, рече дека Путин и Виткоф ќе разговараат за нормализација на односите Москва-Вашингтон и за аспектите на мировните преговори со Украина.
Во пресрет на состанокот во Санкт Петербург, американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл порача дека Русија мора да се активира бидејќи во „бесмислената војна“ умираат премногу луѓе.
„Русија мора да се активира. Премногу луѓе умираат, неделно умираат илјадници во ужасна и бесмислена војна – војна што никогаш не требаше да се случи и немаше да се случи ако јас бев претседател“,
напиша Трамп во објава на социјалната мрежа.
Инаку, ова е трета посета на Русија на специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, откако Трамп ја презеде функцијата со ветување дека ќе ги поправи односите со Москва.