Во заедничкиот документ, Русија и Кина го повикаа НАТО „да се откаже од пристап заснован на Студената војна“
Русија и Кина во заеднички став, го критикуваа „негативното влијание на САД во Европа и азиско-пацифичкиот регион“ и се спротивставија на „натамошното проширување на НАТО“, беше соопштено по денешната средба меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, при посетата на Путин во Пекинг во пресрет на отворањето на Зимските олимписки игри.
Во заедничкиот документ, Русија и Кина го повикаа НАТО „да се откаже од пристап заснован на Студената војна“ и изразија сериозна загриженост за одбранбениот сојуз меѓу Австралија, Велика Британија и САД.
„Вашингтон има негативно влијание врз стабилноста и мирот во азиско-пацифичкиот регион“,
се додава во соопштението.
Во исто време, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека на САД не може да им се верува во однос на тензиите на руско-украинската граница.
„Би препорачал да не му се верува на Стејт департментот во овие работи“,
рече Песков, осврнувајќи се на наводите на американските разузнавачки служби дека Русија планирала да измисли напад од Украина за да создаде повод за напад на својот сосед.