Шојгу, исто така, рекол и дека западното оружје влегува неконтролирано во Украина и порачал дека руската војска планира да ја засили својата западна граница и дека главниот штаб работи на тоа

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека руската инвазија на Украина успешно се спроведува и покрај тврдењата на западните лидери дека руската војска наишла на непланирани пречки и отпор, пишува Си-ен-ен.
Шојгу додал и дека противтенковските ракети кои ги произвеле западните земји, како и противвоздушните одбранбени системи кои ги заробила руската војска во Украина треба да им се предадат на силите на самопрогласените републики на исток во Украина.
„Сè оди по план“,
му рекол Шојгу на рускиот лидер Владимир Путин на состанок на Советот за безбедност кој се одржа денеска преку видеоврска.
Шојгу, исто така, тврдел дека руската војска примила повеќе од 16 000 пријави од доброволци од Блискиот Исток кои сакаат да бидат дел од војната во Украина.
„Добиваме огромен број пријави од сите видови доброволци од различни земји кои би сакале да дојдат во Донецк и Луганс за да учествуваат во она што го сметаат за ослободувачко движење“,
рекол тој, а пренесува Си-ен-ен.
Министерот за одбрана, исто така, побарал од Путин уште оружје за вооружување на сепаратистичкиот регион Донбас, посебно системи за противвоздушна одбрана.
„Собравме голем број украинско оружје: Тенкови, оклопни возила и сите видови на оружје од мал калибар, како и артилериско оружје. Покрај тоа, постојат многу ракети од типот ‘Џевелин’ и ‘Стингер’. Предлагаме тие да се пренесат во Донбас и Луганск, за да може ефикасно да се спроведе одбраната на републиките“,
рекол тој.
Шојгу, исто така, рекол и дека западното оружје влегува неконтролирано во Украина и порачал дека руската војска планира да ја засили својата западна граница и дека главниот штаб работи на тоа.
Путин ги поддржал двата предлози истакнувајќи дека Русија треба да им помогне на доброволците кои се подготвени да се борат во Донбас да се префрлат на првите линии на фронтот.