Според рускиот претседател, економските индикатори покажуваат дека БРИКС значително ги надминува другите групации, вклучувајќи ја и Г-7

Либералниот модел на глобализација е застарен, светот доживува радикални промени. Униполарниот систем на меѓународни односи е минато – порача денеска рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето преку видео врска на самитот на БРИКС што започна денеска во Рио де Жанеиро.
Путин упати повик до земјите од БРИКС да ја зајакнат својата соработка во голем број области, како што се природните ресурси, логистиката, трговијата и финансиите.
„Промената во светскиот економски модел продолжува да добива на интензитет. Сè покажува дека либералниот модел на глобализација завршува. Центарот на економската активност се префрла на пазарите во развој, што предизвикува моќен бран на раст, вклучително и во земјите од БРИКС. Светот доживува радикални промени. Униполарниот систем на меѓународни односи, кој им служеше на интересите на таканаречената златна милијарда, е минато. И се заменува со поправеден мултиполарен свет“,
рече рускиот претседател.
Според него, економските индикатори покажуваат дека БРИКС значително ги надминува другите групации, вклучувајќи ја и Г-7, каде што вкупниот бруто домашен производ е за една четвртина помал според податоците за 2025 година.
Земјите од БРИКС, како што посочи, сочинуваат 40% од светската економија, а нивниот вкупен БДП достигнува 77 трилиони долари.
Ова ги надминува индикаторите на земјите од Г-7, каде што вкупниот БДП изнесува 57 трилиони долари.