Референдумите за присоединување кон Русија, кои Кремљ ги смета за релевантни, беа спроведени во услови на војна која започна во февруари годинава со руското влегување на територијата на Украина и отпочнување агресија

Рускиот претседател Владимир Путин ги потпиша документите за соединување на самопрогласените народни републики Донецк и Луганск и Хесонската и Запорошката Област со Русија. Покрај Путин, документите ги потпишаа и проруските лидери на овие региони инсталирани од Москва.
Путин рече дека властите во Киев мора да го почитуваат изразот на слободна волја на граѓаните кои на т.н. референдуми одлучиле да се соединат со Русија.
„Полни осум години луѓето во Донбас (регионот каде се наоѓаат Донецк и Луганск) подлежат на блокади, а во Херсон и Запорожје негуваа омраза кон Русија. Режимот од Киев се закануваше со смрт на учители и жени и спроведуваше репресија. Но, народот во Донбас, Запорожје и Херсон го кажа своето – сакам тоа да го слушнат и киевските власти и газдите од Запад, да ги почитуваат нашите граѓани засекогаш“,
рече Путин.
Тој апелираше властите во Киев да ги прекинат огнот и воените операции, како и да се вратат на преговарачката маса.
„Ние сме спремни за тоа, разговаравме повеќепати, но за изборот на народот нема да се дискутира. И денес киевските власти мора да ја почитуваат слободно изразената волја на народот. Ќе ја штитиме нашата земја со сите сили за да обезбедиме живот за нашите луѓе. Ќе ги изградиме срушените градови, села, школи, болници, ќе ја развиеме инфраструктурата, индустријата, ќе работиме на зголемување на нивото на безбедност со цел граѓаните на овие региони да се чувствуваат поддржани од цела Русија“,
рече Путин.
Референдумите за присоединување кон Русија, кои Кремљ ги смета за релевантни, беа спроведени во услови на војна која започна во февруари годинава со руското влегување на територијата на Украина и отпочнување агресија.
Додека Путин се фали, Западот и целиот демократски свет јасно ставија до знаење дека немаат намера некогаш да ги признаат референдумите и присоединувањето на четирите региони со Русија.