Сепак, нагласи дека руската влада ќе продолжи да се бори за интересите на својот народ зашто, како што рече, тоа била основната цел на специјалната воена операција во Украина
Неколку часа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател, рускиот претседател Владимир Путин му честита на Доналд Трамп и додаде дека е отворен за дијалог за да се постигне траен мир.
„Му честитаме на Доналд Трамп за влегувањето во администрацијата… Москва е отворена за дијалог со Соединетите Држави кој ќе биде изграден на еднаква и заемна основа со почитување“,
рече Путин за време на состанокот на Советот за безбедност и одбрана на Русија во понеделникот.
Рускиот претседател изјави дека Москва е отворена за дијалог со новата американска администрација за конфликтот во Украина, чие решение, како што рече, не треба да биде краткотрајно примирје, туку траен мир.
Сепак, нагласи дека руската влада ќе продолжи да се бори за интересите на својот народ, зашто, како што рече, тоа била основната цел на специјалната воена операција во Украина.
„Ја слушаме и неговата изјава за потребата да се направи сè за да се спречи третата светска војна, се разбира, ја поздравуваме оваа позиција и му честитаме на избраниот претседател на САД за преземањето на функцијата“,
додаде рускиот претседател.
Рече дека досегашниот дијалог е прекинат по вина на администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Во деновите пред да биде инаугуриран за претседател, Доналд Трамп во неколку наврати изјави дека ќе се сретне со својот руски колега Владимир Путин многу брзо откако ќе ја преземе функцијата.