Ако ви е толку тешко, само укинете ги санкциите за „Северен тек 2“, што е 55 милијарди кубни метри гас годишно, само притиснете го копчето и сè ќе исчезне, им порача рускиот претседател на европските лидери, од самитот на Шангајската организација за соработка
Рускиот претседател Владимир Путин негира дека Русија има некаква врска со енергетската криза во Европа и вели дека ако Европската унија сака повеќе гас, треба да ги укине санкциите што го спречуваат отворањето на гасоводот „Северен тек 2“.
Говорејќи на самитот на Шангајската организација за соработка во узбекистанскиот град Самарканд, тој ја обвини „зелената агенда“ за енергетската криза и инсистираше на тоа дека Русија ќе ги исполни своите енергетски обврски.
„Ако имате желба, ако ви е толку тешко, само укинете ги санкциите за ‘Северен тек 2’, што е 55 милијарди кубни метри гас годишно, само притиснете го копчето и сè ќе исчезне“,
рече Путин.
„Северен тек 2“ беше изграден пред една година, но Германија одлучи да го запре само неколку дена пред Русија да испрати свои војници во Украина на 24 февруари.
Ден претходно, САД најавија дека ќе и се приклучат на Германија во воведување санкции за рускиот проект за природен гас „Северен тек 2“, како дел од санкциите против Москва.
Цените на бензинот во Европа се зголемени повеќе од двојно од почетокот на годината поради помалите испораки од Русија.