Досега 28 земји-членки на Алијансата ги ратификуваа пристапните протоколи, а единствените кои тоа сè уште не го направиле се Турција и Унгарија
Финската премиерка Сана Марин денеска ги повика Турција и Унгарија да ги одобрат кандидатурите на нејзината земја и соседната Шведска за влез во НАТО, јавува „Политико“.
На прес-конференција таа денеска упати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан дека подобро е што поскоро да ги ратификуваат пристапните протоколи отколку подоцна.
„Сега сите очи се вперени кон Турција и Унгарија. Чекаме овие земји да ги ратификуваат нашите пристапни протоколи. Мислам дека е важно тоа да се случи што порано отколку подоцна“,
рече Марин.
Финска и Шведска, кои беа воено неутрални, по руската агресија во Украина решија да побараат влез во НАТО. Досега 28 земји-членки на Алијансата ги ратификуваа пристапните протоколи, а единствените кои тоа сè уште не го направиле се Турција и Унгарија.
Турските власти ги обвинија двете држави дека засолнуваат, како што тврдат, терористи односно членови на Курдската работничка партија (ПКК) и други групи што ги сметаат за терористички организации. Во замена за поддршка на нивното членство во НАТО, Ердоган бара двете земји да ги екстрадираат лицата што Турција ги смета за терористи.
Новата шведска влада предводена од Улф Кристерсон изрази подготвеност да одговори на турските барања, а премиерот денеска изјави дека разговарал телефонски со Ердоган и се договориле да ја отпатува во официјална посета на Анкара, но оти точниот датум на посетата дополнително ќе го објави.
Во текот на неделава се очекува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг да отпатува за Турција за да разговара за тргање на ветото за Шведска и Финска.
Фото: EPA-EFE/ROBERTO MONALDO/LA PRESSE / POOL