Ресорниот министер Николоски посочи дека се работи и на стабилизација на косини, за кои вели дека се најголем проблем на овој автопат

Втората делница од автопатот од Кичево до Охрид во должина од 17 километри денеска е пуштена за собраќај.
Се работи за пат од Климештани до Охрид, а на отворањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, како и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
За Николоски, автопатот е симбол за посветена работа и симбол за неработењето на претходната влада предвоена од СДСМ и ДУИ.
„Би сакал да посакам овој автопат што повеќе да се користи, да носи што повеќе туристи и во Охрид и во Струга, да носи што повеќе бизнис којшто ќе оди кон овој дел на државата, исто така и преку Коридор 8 ќе оди кон соседна Албанија и ќе ја поврзува Македонија со пристаништето во Драч. Исто така, посакувам околу овој автопат да се развиваат стопански субјеки коишто ќе значат што повеќе луѓе да си ја наоѓаат среќата тука. Ова беше заборавен проект, ова беше напуштен проект кој претходната влада целосно го имаше запоставено и проект симбол и неспособност за работењето на претходната влада на СДСМ и ДУИ“,
истакна тој.

Ресорниот министер вели дека за два месеци се сработени 34 километри. Тој очекува наскоро да се заврши и клучката кај Требениште, а вели дека се работи и на стабилизација на косини, за кои смета дека се најголем проблем на овој автопат.
„Овој автопат треба да се надоврзе на автопатот кој ќе оди од Букојчани до Кичево, за што има активна постапка за избор на изведувач, и од Букојчани до Гостивар активно се работи и очекувам крајот на 2028, почеток на 2029 година да имаме целокупно автопатско решение кои ќе оди од Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево – Струга и Охрид“,
рече тој.

Директорот на ЈПДП, Трајановски, нагласи дека ова е една од најтешките делници направена во земјава, бидејќи, како што посочи, се прави на постојан асфалт и патен премин.
„Се прави на постојан асфалт, на постојан патен премин, на кој не знам колку пати има скренување лево-десно, за да може на истиот пат од обичен пат да се направи автопатска делница. И вториот огромен проблем е што поминува низ пет населени места – Мешеишта, Требеништа, Горенци, Оровник и Подмоље. Можеби повеќе од 100 луѓе од своите домови директно излегуваа на овој пат. Сето тоа требаше добро да се испланира и да се изведе“,
кажа тој.