Според премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, ваквите проекти се додадена вредност во животот на граѓаните и за македонската економија, кои треба да донесат инвестиции од, како што кажа, стотици милиони евра
За вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, се работи за значајна патна инфраструктура, дел од Коридорот 8, која не претставува само обиколница на Крива Паланка, туку и врска со соседна Бугарија
Во присуство на владини преставници денеска свечено е пуштена во употреба реконструираната обиколница кај Крива Паланка. Станува збор за пат во должина од четири и пол километри и широчина на коловозот во двата правци од седум и пол метри, со поставена хоризонтална и вертикална сигназлиација. Со реконструкцијата беа опфатени и двата моста на делницата.

Според премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, ваквите проекти се додадена вредност во животот на граѓаните и за македонската економија, кои треба да донесат инвестиции од, како што кажа, стотици милиони евра.
„Инвестиции кои ќе ја поврзат Македонија со Коридорот 8. Кога зборувам неколку стотици милиони евра, пред сè мислам на третата фаза од пругата којашто треба да почнеме да ја реализираме, забрзување на втората фаза, но, исто така, и патната инфраструктура не останува незабележана, и таа се реконструира и се реновира и се гради. Ова инвестирање очекувам од Крива Паланка да направи богат и пристоен град, во кој луѓето ќе бидат среќни и задоволни, а оние кои го напуштиле градот ќе се вратат и ќе можат со своите семејства да го продолжат животот тука“,
кажа Мицкоски.
Тој додаде дека како влада продолжуваат да се фокусираат на реализација на капиталните инвестиции, пред сѐ на патното, железничкото и енергетското поврзување, што, според него, го потврдува и растот на Бруто-домашниот производ (БДП).

За вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, се работи за значајна патна инфраструктура, дел од Коридорот 8, која не претставува само обиколница на Крива Паланка, туку и врска со соседна Бугарија.
Николоски рече дека се очекува првата фаза од реконструкцијата на граничниот премин „Деве Баир“ кон Бугарија да заврши до јуни, по што ќе се влезе во следната фаза која опфаќа проширување на граничниот премин.
Со експресниот пат до Страцин, обиколницата и реконструкцијата на граничниот премин, како што посочи Николоски, како држава го завршуваме источното крило од Коридорот 8.
„Во моментов интензивно се работи на реновирање, осовременување и проширување на граничниот премин ʼДеве Баирʼ. Првата фаза треба да е готова до јуни месец. Се работи на реконструкција на постојните објекти, и од јуни месец веќе да влезе во втора фаза, а тоа ќе значи проширување на граничниот премин. Така што, со еден модернизиран, осовремен и проширен граничен премин, како и со една модернизирана и осовремена обиколница на Крива Паланка, и експресен пат што оди од Крива Паланка до Страцин целосно се развива источното крило на Коридорот 8. Веќе работиме со Европската Унија во рамките на Планот за раст да се изнајде најсоодветно решение за делот што оди од Страцин до Романовце, односно до Куманово. Така што, со оваа интензивна и напорна работа, Македонија го завршува својот дел од работата и од обврските на источното крило на Коридорот 8“,
рече Николоски, кој му се заблагодари на премиерот за, како што кажа, континуираната поддршка.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, обиколницата е направена по сите стандарди и претставува пример дека со добра организација еден проект може да се заврши во предвидениот рок.

„Ветивме дека овој пат ќе биде завршен во предвидениот рок. Рокот е до вчера. Така што овој пат е еден добар пример дека кога сите ќе се организираме добро, можеме да завршиме проект во предвидениот рок“,
кажа Трајановски.
