Премиерот Христијан Мицкоски на церемонијата во својот говор рече дека осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот

Денеска свечено беше пуштен во употреба системот на заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ на граничниот премин меѓу Македонија и Косово, „Блаце – Елез Хан“.
Во делегациите на двете земји на настанот беа премиерите на Македонија и на Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла.
Премиерот Мицкоски рече дека осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.
„Денес симболично, но и суштински ја поместуваме границата помеѓу проблемите и решенијата, помеѓу застојот и движењето, помеѓу бирократијата и ефикасноста. Заедничкиот премин организиран според системот ‘One Stop Shop’ значи едно застанување наместо две, едно чекање наместо две, еден увид наместо две одделни контроли, а за граѓаните тоа значи повеќе време за семејството, за работа, за живот“,
рече Мицкоски.

Министерот Тошковски рече дека со пуштањето во употреба на овој систем се отвора нова ера на побрз транспорт на стоки и повеќе трговија, туризам, дружба и поголемо пријателство.
„Ова е резултат на договорот меѓу двете влади и Протоколот што го уредува начинот на гранични и царински контроли, инфраструктурата, размената на податоци и поделбата на трошоци. Целта е јасна – побрзо, поедноставено и побезбедно преминување на границата. За патниците тоа значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности“,
рече Тошковски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити во говорот рече дека таму каде што пред 26 години човештвото и неговите определби за слободата, за единството, за иднината беа ставени на тест, денес симболично започнува една нова историја – историја на соработка за развој и напредок.
„Денес, со инаугурацијата на т.н. систем ‘One stop shop’ за управување со границите, ние одбележуваме важен момент за слободата на движење на луѓе и стоки како основен постулат на Европската Унија. Во овој дух, ние всушност го правиме следниот чекор кон реализација на концептот ‘Европа без граници’. И оваа максима важи не само за физичките граници кои ги делат балканските земји, туку и за менталните граници кои ја делат соработката од предрасудите, соседството од стравот, развојот од изолацијата“,
рече Меџити.

Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проекет од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово.