Вооружениот напаѓач, за кој се вели дека бил сам, се самоубил. Властите соопштија дека нема понатамошна закана за јавната безбедност
Осум лица се убиени, а 60-ина се повредени во пукање во американскиот град Индијанаполис, соопшти полицијата.
Сведоците слушнале неколку истрели во објектот на „Федекс“, а некои виделе и лице со автоматско оружје.
Во овој објект работат околу 4 000 лица.

Вооружениот напаѓач, за кој се вели дека бил сам, се самоубил. Властите соопштија дека нема понатамошна закана за јавната безбедност.
Полицијата соопшти дека неколкумина од повредените се пренесени во болница. Бидејќи во близина се наоѓа меѓународен аеродром, локалните власти соопштија дека тоа нема да се одрази на авиосообраќајот.

„По прелиминарниот претрес на теренот, внатре и надвор, лоциравме осум лица на местото на настанот со прострелни рани. Тие осуммина се прогласени за мртви овде, на самото место на настанот. Не информираа за повеќе други лица со повреди кои биле пренесени во локалните болници или кои се превезувале во локалните болници“,
соопштија од локалната полиција.
Од компанијата „Федекс“ се огласија преку соопштение во кое се вели дека соработуваат со властите за инцидентот.

Локалните медиуми цитираат еден вработен во „Федекс“, кој изјавил дека го видел вооружениот напаѓач како пука.
„Видов човек со некакво автоматско оружје, автоматска пушка и тој пукаше на отворено. Се исплашив и паднав“,
рекол тој.
Ова е најновиот ваков инцидент со пукање во САД во изминативе неколку недели. Минатата недела претседателот Џо Бајден ги објави своите први чекори по преземањето на функцијата за засилување на контролата врз оружјето по серијата масовни престрелки.
