Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, се наведува напредокот на земјата во владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократијата, соработката со телата на Советот на Европа, а се признава и политичката посветеност за исполнување на обврските преземени уште во 2000 година

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата јануарска сесија изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Со ова Собранието одлучи да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, се наведува напредокот на земјата во владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократијата, соработката со телата на Советот на Европа, а се признава и политичката посветеност за исполнување на обврските преземени уште во 2000 година.
Како што информираат од собраниската прес-служба, мониторинг комисијата има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите-членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот, како што се наведува во соопштението, е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија,.
„Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава“,
се вели во соопштението од собраниската прес-служба.
Во јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од Македонија учествувале пратениците Иванка Василевска како заменик шеф и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Иванка Василевска истакнала дека ова е признание за долгорочните напори, посочувајќи ги фер изборите, мирната смена на власта, изборот на првата жена претседател и резултатите во борбата против корупцијата потврдени од ГРЕКО.
Беким Ќоку оценил дека овој успех е значаен за целиот Западен Балкан. Тој нагласил дека Северна Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција.
Според Бисера Костадиновска-Стојчевска, резолуцијата ја отсликува желбата на граѓаните за членство во ЕУ и упатила порака до власта дека усвојувањето на оваа резолуција е јасен знак дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и оти тоа треба да се случи час поскоро.
