Според универзитетскиот професор Симон Саздов, решение за феминативи од психолог, социолог или педагог е она што е веќе искористено кај едносложните етноними од типот на Чех и Грк, односно Чехинка и Гркинка. На почеток ќе биде чудно оти не сме се навикнале, но ќе се прифати од пошироката јавност ако им се даде можност, додава тој
Ние јазично мораме да покажеме дека имаме решение за сè – вели универзитетскиот професор Симон Саздов за дилемите дали и како може да се изведат феминативи за одредени професии во македонскиот стандарден јазик.

Според Саздов, решение за феминативи од психолог, социолог или педагог е она што е веќе искористено кај едносложните етноними од типот на Чех и Грк, односно Чехинка и Гркинка. Па, според него, предлогот е да се оди со додавката -инка, за да се формираат зборовите психологинка, педагогинка и сл. Тој додава дека на почеток ќе биде чудно оти не сме се навикнале, но верува дека ќе се прифати од пошироката јавност ако им се даде можност.
„Еве, да речеме, пред десетина години, кога го правевме последно издание на Правописот, беше просто шега како ќе бил државјанинот на Брегот на Слоновата Коска. Нели, затоа што има повеќе компоненти називот на државата и ние не само што понудивме решение, туку понудивме две решенија. Така што нема ситуација во која јазично не можете да одговорите на потребата. Имаме Брежанец и Брежанка, како и Ивоарец и Ивоарка, зашто самиот парламент на државата инсистира во билатералните односи да бидат именувани француски, така што ние и од странската формула најдовме решение“,
рече Саздов.
Во однос на зборот борец и дали женската форма би можела да биде „борка“, професорот Саздов вели дека се покажало дека оние зборови што немаат доволно слогови, тешко прават феминативи и оти досега сме среќавале соборка и соборец, но не и борка. Затоа, вели тој, би останал на жена борец.
Претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, е согласна дека ова е добро решение (психологинка и сл.) и додава дека за јазикот секогаш едни се согласуваат, а други не, но дека нивна работа како лингвисти е да понудат решение за сите празнини што се актуелни.

Во однос на користењето на феминативи кај функциите како претседател или министер, Груевска-Маџоска вели дека таа лично смета оти тие функции треба да бидат во машки род, бидејќи овој род се зема како неутрален.
„Да, јас лично сметам дека функцијата претседател на Советот како функција треба да оди во машки род, бидејќи ние лингвистите знаеме дека машкиот род се зема и како неутрален род. Во таа смисла, функцијата претседател, министер и така натаму, сметам дека треба да е во машки односно неутрален род, а секако кога е во реченица и кога се употребува, може да биде во женски род бидејќи имаме усогласување во реченицата“,
кажа Груевска-Маџоска.
Професорите Саздов и Груевска-Маџоска беа дел од дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 посветена на предизвиците во спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од неговата кодификација.