Новоизбраната претседателка во обраќањето во два наврати зборуваше за „македонската држава“, а во еден момент на почетокот од говорот рече „одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’, а прославуваме и 80 години асномска Македонија“
Без да го спомне уставното име на државата помина првото обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по преземањето на должноста. Откако при заклетвата на инаугурацијата за претседател Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Република Северна Македонија, таа и на вчерашната свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот во својот говор не го употреби уставното име на државата.
Новоизбраната претседателка во обраќањето во два наврати зборуваше за „македонската држава“, а во еден момент на почетокот од говорот рече „одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’, а прославуваме и 80 години асномска Македонија“.
Во настапот таа се осврна на реформите што треба да се направат на најстариот универзитет за кои рече дека треба да бидат обмислени и суштински со цел да се создаваат генерации способни за предизвиците што ги носи дигиталната ера.
Сиљановска-Давкова рече дека судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет и оти УКИМ секогаш ги чувствувал предизвиците низ кои минува нашата држава.
„Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава“,
рече Сиљановска-Давкова.
Ова обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова доаѓа откако изминатите десетина дена, по заклетвата во Собранието, не стивнаа реакциите од грчката страна и од меѓународната заедница за непочитување на Договорот од Преспа.
Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.
Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно, а грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата.
Мицотакис во спротивно најавува дека Северна Македонија ќе наиде на затворен европски пат.
Последната ваква порака ја упати вчера пред граѓаните на Лерин од каде што рече „доколку настојуваат да го оспоруваат јадрото на договорот во врска со името на државата и да ја нарекуваат така како што сакаат да ја нарекуваат, тогаш ќе треба да знаат дека нивниот европски пат ќе остане затворен“.
Пораките од Грција дополнително се засилија по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските и уставните одредби.
Според Мицкоски, свечената заклетва на претседателката Сиљановска-Давкова била достоинствена. Тој вели дека очекувал од Грција честитка, а наместо тоа „добивме, за жал, политички мускули“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на заканите за вето на Грција нема да одговори така што ќе ги повтори грешките од минатото, со менување имиња на автопати и градење споменици, туку ќе одговори со повици за меѓусебна соработка и добрососедски односи.
Остри реакции упатува и шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис кој вели дека Договорот од Преспа е меѓународен договор и дека не може да се менува и да се ревидира еднострано. Тој изрази уверување дека граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата.