Најави дека од утре започнува голема акција во насока на проверка на сите документи, лиценци, дозволи за градба, дозволи за употреба, дозволи за работа на овие објекти
Прво ќе го поразам овој корумпиран систем, па потоа на избори граѓаните ќе кажат дали и кој треба да понесе морална одговорност. Ова вечерва на прес-конференција го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали после трагедијата во Кочани, каде што загинаа 59 лица во пожар во дискотека, размислува да ја активира моралната одговорност во вид на оставка.

„Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои. И тука никој не треба никој да има дилема. Нецели девет месеци работам онолку колку што можам за да го поразам овој корумпиран систем. Сите ние треба да чувствуваме морална одговорност. Ако само јас треба да чувствувам морална одговорност, еве ќе ја прифатам. Ќе сторам сè што е во моја моќ, како прв човек на Владата, прво цела оваа криминална политичка полумента која нè уништуваше целиот овој период да ја поразам, а потоа ќе зборуваме за сè друго“,
рече премиерот.
Обелодени дека лиценцата за работа на дискотеката е фалсификувана и издадена на 13 март 2024 година, со важност од една година, а на неа стои потписот на тогашната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ. Министер во тоа време е Крешник Бектеши, кадар на ДУИ.
Посочи дека не планираат да прогласат вонредна состојба, како и вклучување на меѓународни експерти во делот на истрагата.
Најави дека од утре започнува голема акција во насока на проверка на сите документи, лиценци, дозволи за градба, дозволи за употреба, дозволи за работа на овие објекти.
„Убеден сум дека ќе најдеме стотици. Милиметар да недостасува, ќе бидат затворени. Нема да има милост кон никого. Не сезона, свети сезона нека е. Овој објект е прошируван и легализирани се дополнителни 50-100 квадрати“
кажа тој.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, според последните информации, загинаа 59 лица. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека се осомничени повеќе од 20 лица.