Досега речиси сите тужби поднесени од кампањата на Трамп беа одбиени во судовите поради недостиг на докази
Од минатата недела започна процесот на пренос на власта
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го даде своето прво телевизиско интервју по изборите од 3 ноември за „Фокс бизнис њуз“, во кое ги повтори обвинувањата за изборни измами.
Во 45-минутното телефонско интервју, претседателот во заминување сега вината за тоа што ништо не се презема за откривање на изборната измама ја префрли на судиите за кои рече дека не сакаат да се мешаат.
Тој ги повтори обвинувањата што и досега ги кажување, без притоа да посочи конкретни примери, меѓу кои и оние што беа одбиени од повеќе судови. Исто така, изрази сомнеж дека Врховниот суд ќе ги разгледа жалбите за секој случај поднесен од неговиот тим, додавајќи дека мора да се дејствува многу брзо, иако не кажа кој датум е последниот до кога може да се надева.
Досега речиси сите тужби поднесени од кампањата на Трамп беа одбиени во судовите поради недостиг на докази. Но, тој и овој пат повтори дека ќе продолжи да се бори.
Од минатата недела започна процесот на пренос на власта, откако шефицата на Службата за општа администрација, Емили Марфи, испрати писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.
Последната во редот изјави со кои се признава изборната победа на Џозеф Бајден е онаа на претседателот на Комитетот на Конгресот за инаугурација Рој Блант, кој рече дека очекува избраниот претседател Бајден да стапи на должност на 20 јануари.
„Ние соработуваме со преодната администрација на Бајден, и за транзицијата и за инаугурацијата“,
изјави Блант за Си-ен-ен, кој е воедно и гувернер на Мисури.
Сепак, тој експлицитно не го спомна поразот на Трамп на 3 ноември.
Пред него и гувернерот Аса Хачинсон од Арканзас говореше за Бајден како за избран претседател.
„Транзицијата е она што е важно“,
рече Хачинсон за „Фокс њуз сандеј“.
Трамп најблиску до признавањето на поразот беше минатата недела, кога рече дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Бајден биде потврден за победник од Изборниот колеџ на 14 декември.
