Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални за „Њујорк тајмс“ го даде првото интервју од затвор, во кое вели дека се чувствува како да е во кинески работнички логор и дека бил принуден да гледа државна телевизија осум часа дневно.
Навални издржува затворска казна од две и пол години во затворот „Покрово“, на 100 километри источно од Москва.
Тој вели дека деновите на напорна работа во озлогласениот советски Гулаг се завршени, но сега се заменети, како што рече, со психолошко насилство преку перење мозок и пропаганда.
„Можете да замислите тетовирани мускулести мажи со челични заби, кои се борат со ножеви за да го земат креветот до прозорецот. Ова е нешто како кинески работнички камп, каде што сите маршираат во колони, а камерите се на сите страни. Исто така, постои постојана контрола и култура на кодошење“,
рече Навални.
Тој наведува дека стражарите го набљудуваат него и другите затвореници додека гледаат државна пропаганда и дека не им е дозволено да читаат или да пишуваат.
Сепак, нагласува дека не се откажува од надежта дека владеењето на Владимир Путин еден ден ќе заврши.
„Порано или подоцна, оваа грешка ќе се поправи, Русија ќе стане демократско општество, ќе тргне по европскиот пат на развој – затоа што луѓето го сакаат тоа“,
рече тој во интервју објавено вчера.
Вели дека санкциите на Западот кон Русија ќе му нанесат повеќе штета на рускиот народ отколку на луѓето на власт.
Рускиот опозиционер истакна дека никој од затворениците не го нападнал, дури, како што вели, му било забавно со нив.
Навални, кој според западните разузнавачки служби беше отруен со нервен агенс минатата година, се врати Русија во јануари по третманот во Германија, но беше уапсен веднаш по пристигнувањето на аеродромот во Москва, а потоа осуден под обвинение за кршење на условната казна.
Кремљ негираше дека стои зад труењето на Навални и тврди дека затворската казна не е политички мотивирана. Овој месец тој е обвинет за нови кривични дела за кои може да остане во затвор уште три години.
Доколку судот го прогласи за виновен, тој би можел да биде ослободен најрано во 2024 година.
