Во меѓувреме, според него, актуелниот Клинички центар ќе се реновира и реконструира, во рамките и можностите на Фондот за здравство и на ресорното министерство
Изградбата на новиот клинички центар во Скопје треба да чини од сто до сто и педесет милиони евра помалку од тој што го промовираше претходната влада. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали изградбата на нов клинички центар во Скопје ќе се реализира со пари од договорот со Обединетото Кралство.

„Со онаа рамка што начелно е договорена со Обединетото Кралство, ќе се работи на завршување на Клиничката болница во Штип, нова зграда за Медицинскиот факултет заедно со студентски дом со 200 легла, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, како и завршување и изградба на Болница со проширена дејност и Здравствен дом во Кичево“,
кажа тој.
Посочи дека овие проекти ќе бидат приоритет во првата фаза, а доколку успешно се реализираат ќе се премине кон амбициозната фаза, а тоа е изградба на нов клинички центар во Скопје.
Во меѓувреме, додаде дека актуелниот Клинички центар ќе се реновира и реконструира, во рамките и можностите на Фондот за здравство и на ресорното Министерство.
На прашањето каде ќе биде локацијата на новиот клинички центар, потсети дека во минатото постоеле повеќе идеи за негова локација.
„Во 2017 година со доаѓањето на владата на СДСМ и ДУИ, постоеше договор за изградба на клиничкиот центар што беше прекинат и во моментот сме на арбитража и веројатно ќе плаќаме пенали за тоа. За жал, тие што го прекинаа договорот поради законите такви какви што се, не може да сносат одговорност, а би требале бидејќи тие пари ги плаќаат граѓаните“,
рече Мицкоски.
Потоа, посочи дека имаше идеја тој да се гради во Злокуќани, која пропаднала.
„Потоа се резервираше едно плато во општина Ѓорче Петров, но и тоа пропадна. Па, се зборуваше за касарната Илинден. Имаше многу идеи, но резултатот од сите нив е немаме нов клинички центар, којшто досега требаше да биде готов“,
кажа тој.
Пред неколку месеци директорот на Фондот за здравство (ФЗО), Сашо Клековски, рече дека идејата за изградба на нов клинички центар е паузирана, со цел да се разгледаат потребите на општеството.
