Програмата на Ѓорѓиевски предвидува враќање на функцијата градски архитект, како и формирање совет за урбан развој како гаранција за европски стандарди во урбанизмот. Предвидено е да се формира и јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ кое ќе ги изработува планските документи, односно, секој нов јавен објект што ќе се гради ќе биде предмет на јавен конкурс
„Прво човек, потоа градоначалник“ е слоганот со кој кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски, ќе се претстави за време на кампањата за локалните избори. Тој денеска на прес-конференција ја презентираше програмата „Визија за Скопје 2025-2045“ зад која, како што рече, стои тим од стручни соработници.

Програмата, како што посочи Ѓорѓиевски, се заснова на седум главни столбови, со кои почнува „урбаната ера која Скопје ќе го преобрази во европска метропола“: одржлив урбан развој во следните 20 години, здрава животна средина, целосна комунална обнова на градот, враќање на културниот идентитет на Скопје, дигитална трансформација и паметни решенија, Скопје – град на младите и науката и јакнење на јавната грижа и безбедноста.
Програмата на Ѓорѓиевски предвидува враќање на функцијата градски архитект, како и формирање совет за урбан развој како гаранција за европски стандарди во урбанизмот. Предвидено е да се формира и јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ кое ќе ги изработува планските документи, односно, секој нов јавен објект што ќе се гради ќе биде предмет на јавен конкурс.
„Визијата 2025-2045 не е само изборна програма, таа е патоказ за иднината, план што не се мери во мандати, туку со генерации. Визија што ќе остави стабилни темели и ќе создаде ново лице на градот што со гордост ќе му го предадеме на следните генерации. До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори, како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија, како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на нашите граѓани. Ова не е само план за градба, ова е модел на ново живеење по мерка токму на вас, луѓето“,
истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со новиот концепт ќе се стави крај на хаосот на неконтролираното и штетно градење, какво што има во моментов.
Тоа што нуди програмата „Визија“ за следните 20 години, рече Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарско прашање, не е поради тоа што проблемите не можат да се решат во мандат од четири години, но таа долгорочност, според него, значи извесност за перспективата на градот кој сега е во неизвесност и нефункционалност.
Приоритет, како што нагласи, ќе му биде хуманизацијата на главниот град затоа што во овој момент не може да зборува за лунапарк кога Скопје е во хаос и нехумани услови и неговите граѓани се гушат во депонии што ги има во секое маало. Прва работа што ќе ја направи кога ќе стане градоначалник, ќе биде негово чистење и, како што посочи, за 72 часа во голема кооридинирана акција со сите општини главниот град ќе биде исчистен од отпад и ѓубре.
„Состојбата во Скопје за мене е дополнителен мотив – од една ваква руинирана состојба во градот да направиме нешто со кое сите заедно ќе се гордееме. Имам сериозен тим, одлична советничка листа, имам експерти – домашни и меѓународни, практично за секој од столбовите да може за многу кусо време да почне да се реализира. На Скопје му требаат темелни промени и јас сум спремен да дадам сè од себе, да не се штедам и до последен атом да се вложам – за мојот народ конечно да добие град и метропола каква што заслужува. Ова е работа во која не треба да се прават експерименти, видовме дека експериментите многу нè чинат. Како скопјани живееме во агонија подолг временски период, во проблеми кои не дозволуваат денеска јас да говорам за лунапарк затоа што ние денес говориме за чистење на комуналниот отпад во градот, за мини депонии пред секое училиште и градинка… Најпрво да ги решиме проблемите кои со години го мачат народот, да создадеме основни хумани услови за живот кои прилегаат на 21 век, а подоцна ќе се фокусираме и на сите проекти коишто ќе значат претворање на Скопје во модерна европска престолнина“,
истакна кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.