Кинеските власти прибегнуваат кон сè построги мерки за контрола на локалното ширење на вирусот, а нивната цел е инфекциите да ги држат што подалеку од Пекинг, каде треба да се одржат ЗОИ во почетокот на 2022 година, пренесува Н1
Кина го детектираше првиот случај на омикрон што преставува нов предизвик во пресрет на Зимските олимписки игри кои треба да се одржат во Пекинг од четврти февруари идната година, пренесува Н1. Кинеските власти известија дека првиот случај на омикрон е детектиран кај лице кое се вратило од странство, но кај кого не биле забележани никакви симптоми по доаѓањето.
Кинеските власти прибегнуваат кон сè построги мерки за контрола на локалното ширење на вирусот, а нивната цел е инфекциите да ги држат што подалеку од Пекинг, каде треба да се одржат ЗОИ, известува Си-ен-ен, а пренесува Н1, додавајќи дека властите во областите погодени од вирусот ставиле во изолација десетици илјади луѓе, ги откажале огранизираните настани и туристичките тури, а откажани се и авионски летови и автобуски услуги.
Ограничувањата за патување во областите со среден и висок ризик ќе бидат во сила до 15 март следната година, долго по завршувањето на Зимските олимписки игри.
Кинеските експерти за јавно здравје и државните медиуми претходно изразија доверба во способноста на земјата да се справи со новиот вид омикрон, наведувајќи ја нејзината способност брзо да ги идентификува и изолира заразените случаи и нивните блиски контакти.
Првите случаи на омикрон во Кина доаѓаат во време кога источната провинција Жеџијанг, во која живеат околу 65 милиони луѓе, се бори со зголемување на нови инфекции со делта сојот во последниве недели, посочува Гардијан.